Владата нема да го трга постаментот пред Врховниот суд на кој беше споменикот на Ќосето, туку на негово место ќе биде поставен новиот споменик, со ликови кои се заслужни за брзата реформа на македонскиот правосуден систем, дознава СВЕДОК од извори блиски до советникот за правда и вистина на премиерот Зоран Заев.

-Премиерот Зоран Заев кој често оди во Суд, сакаше на местото на Ќосето да се стават други заслужни ликови и за таа цел, побара пред новото судење што е закажано против него за крајот на март, во бронза да бидат излиени реформаторите во судството и негови советници: Јово Вангеловски, Зоран Караџоски, Никола Додевски и Коле Штерјев. Планирано е споменикот да се излие што побргу и со нивното поставување да се официјализира и формирањето на Советот за правосудството на премиерот, кој е најавен дека ќе се формира секоја недела пред уште 10 недели- вели советникот за висина на премиерот.
На прашањето: зошто се доцни со формирање на Советот, владиниот советник за вистина на СДСМ, вели:
-Само навидум изгледа дека се доцни. Луѓето во телото се избрани и тоа беше јасно кажано: Вангеловски, Караџоски, Додевски, Штерјев….Прашањето што го забави само формалниот дел е откривањето на новиот споменик, за кој, непланирано, рано наутро направи место скопскиот градоначалник Перо Шилегов. Шилегов, сега поретко од порано кога беше обвинет, оди кај судот, па несвесно го тргна нагло споменикот на Ќосето нагрдувајќи на ја тој начин реформата во судството. За да не стои постаментот празен сега премиерот Зоран Заев побара неговите советници да добијат и споменик за заслуги – додава премиеровиот вистински советник.
Дали може да открие како ќе изгледа споменикот, Советникот за Вистина, за Сведок открива:
-Има неколку варијанти, но првата е, сите споменати да бидат излиени во бронза, како се држат цврсто за раце, свртени еден зад друг, што ќе ја симболизира нераскинливата врска на судството и пораката „нико нам не може ништа“ додека се држиме цврсто.
-Втората варијанта е, да бидат само ликови, како маски, нешто налик на сегашниот споменик Маска кој се наоѓа пред Театарот за Деца и Младинци.
Како првава варијанта има споменик во Жена Парк. И третата варијанта е да се испреплетуваат нивните тела како во Гордиев јазол кој тешко дека некој ќе може да го отплетка.Но, сепак, оставете барем до крајот на овој месец или ако не овој, тогаш до другиот или по другиот граѓаните сами да се воодушеват од тоа што ќе го видат – изјави премиеровиот советник за Сведок.
Сведок дозна уште неколку детали за главниот вајар, идејниот творец и боите на споменикот, но за нив, ексклузивно во наредното издание на рубриката „Реформирано судство“.
Извор: Сведок