Младите луѓе најмногу настрадаа од неодамнешната економска криза во Италија. На парламентарните избори на 4 март нивното незадоволство може да му помогне на антииституционалното Движење Пет ѕвезди да оствари историска победа

Во една држава со највисока стапка на невработеност меѓу младите во Европската унија по Грција и Шпанија, барањето работа само по себе претставува работа, вели Микела Анунцијата, 24-годишна жена од јужниот италијански регион Салерно.
Таа е една од 12-те илјади кандидати, претежно од јужна Италија, кои минатата недела отпатуваа до северната автономна област Фриули – Венеција Џулија за да полагаат испит за работа во државниот сектор. Конкурсот се однесува за вработување на 466 медицински сестри со месечна плата од околу 1.500 евра.
– Добивањето на едно такво работно место би било како човек да игра на националната лотарија и да добие награда од шест милиони евра, вели 24-годишниот кандидат Луиџи, кој по потекло е од Амалфиското крајбрејжје близу Неапол, но живее во Рим.
Младите луѓе најмногу настрадаа од рекордната двоцифрена рецесија што ја погоди Италија по 2008 година. Невработеноста на младите се зголеми двојно, достигнувајќи го врвот од 43,4 проценти на почетокот на 2014 година, а сега изнесува околу 32 отсто.
Дописникот на ДПА се сретна со Микела и Луиџи на еден паркинг за автомобили во источно предградие на Рим и се качи заедно со нив на ноќнот автобус со кој заедно со уште 50-тина кандидати заминаа на полагање испит за медицински сестри и болничари во Фриули. на околу 650 километри североисточно од италијанскиот главен град.
– Тие ова го нарекуваат пат на надежта, вели за ДПА возачот на автобусот Џино. Тој заедно со неговиот колега по два пати неделно вози кандидати кои полагаат испити за вработување во државниот сектор. – Бевме во Фолињо, во Умбрија и во цела Северна Италија: Милано, Торино, Специја, Парма, раскажува Џино.
Идејата за ноќните автобуски линии била на двајцата медицински техничари на возраст од 20 и нешто години од реонот на Салерно, Рафаеле Ди Сиено и Умберто Формизано.
Нивната компанија „Бус ту гоу“ на Фејзбук се рекламира дека обезбедува автобуски превоз до местата на кои се полагаат испити за вработување во здравствениот сектор.
Минатата недела Џино тргнал од местото Кава деи Тирени во близина на Салерно. Тој качил патници од Рим во 22.20 часот и ги однел до пред зградата каде што се полага соодветниот испит во градот Удине следниот ден во 6,40 часот. Потоа Џино заминал да спие и се вратил осум часа подоцна за да ги врати кандидатите назад.
– Првпат патувам со овој автобус, но во однос со цената со воз или авион, билетите се поприфатливи, вели Џована од римското предградие Остија. – Веднаш по завршувањето на испитот се враќам назад, додава таа.
Повратен билет Рим-Удине со овој автобус чини 65 евра.
Патувањето на овој начин ги исклучува хотелските трошоци и го сведува на минимум времето што го трошат луѓето за полагање на испитите. Повеќето од кандидатите што одат да го полагаат испитот имаат работа на определено време и сонуваат за безбедно вработување кое доаѓа со вработување на државниот сектор.
Во текот на патувањето до Удине, често во шега како доказ за положбата во која се наоѓаат, кандидатите го спомнуваа името на Кеко Ѕалоне, комичар чиј хит од 2016 година „Каде одам“ ја исмејуваше идејата на Италијанците да си обезбедат постојано вработување во државниот сектор.
– Јас сонувам во иднина да најдам стабилна работа, вели Валентино од Остија. – Несакам веднаш да треба да се паничам колку долго ќе бидам вработен. Се разбира може да се создаде семејство и без стабилна работа, но човек сака да има стабилност за да им ја гарантира иднината на своите деца, додава тој.
Во такви услови на вознемиреност се наближуваат изборите на 4 март кои не поттикнуваат каква било надеж. Можеби не е никакво изненадување што повеќето од младите во автобусот планираат да гласаат за антиинституционалното Движење Пет ѕвезди (М5С). 
– Со сигурност нема да гласам за традиционалните партии, признава Валентино.
Поддршката меѓу младите генерации и посиромашното население од Југот може да се покаже како добитна комбинација за М5С, чија изборна поддршка изнесува нешто над 30 проценти, додека во водство е конзервативниот блок на поранешниот премиер Силвие Берлускони со околу 37 проценти.
Луиџи е поразочаран и вели дека многу луѓе нема да гласаат и дека одѕивот на изборите ќе биде низок. Според него, на изборите има премногу популизам и сите политички лидери ветуваат многу, но тешко е да им се верува. – Сето тоа сме го виделе и порано, додава Луиџи.
Тој и неговата 23-годишна колешка од факултет Ерика велат дека ќе си дадат три до четири години за да најдат добра работа во Италија или во спротивност „ќе си ги соберат парталите“ и ќе се преселат во странство каде што сметаат дека шансите за наоѓање добра работа се малку подобри.
Лани во ноември италијанскиот статистички институт Истат соопшти дека годишната емиграција од Италија во последната деценија се зголемила тројно. Само во 2016 година од Италија се отселиле 115 илјади лица. Во таа бројка се вклучени 81 илјада полнолетни граѓани над 24-годишна возраст и близу 25 илјади дипломци.
Според бизнис лоби групата Конфиндустрија, одливот на мозоци од Италија претставува вистинска „вонредна ситуација“, што може да придонесе за намалување на економскиот раст за по еден отсто годишно.
Спречувањето на ваквата тенденција треба да биде врвен приоритет на сите оние што сакаат да победат на изборите на 4 март./МИА
ДПА