Советот на обвинители комплетиран, се чекаат оставките на Коле Штерјев и Фиданка Рајевска

од Vladimir Zorba
102 прегледи

Собранието, без пратениците на ВМРО ДПМНЕ за членови на Советот на јавни обвинители ги избра Ангел Солев и Ангеле Илиевски од правниот совет на СДСМ за членови на Советот на обвинители.

Со изборот на Солев, Илиевски и неодамна избраниот Ацо Колевски се комплетираше Советот на јавни обвинители.

Сега, се очекуваат оставките на Коле Штерјев и Фиданка Рајевска, двајцата членови кои имаат судир на интереси по одлуките за избор и неизбор на обвинители на седницата од 31 јануари, кога беше избрана за обвинителка внука на Штерјев и не беше реизбрана обвинителката што води постапка против Љубе Рајевски, директор во НЛБ Тутунска банка и сопруг на Фиданка Рајевска, член на Советот која не се иззела како и Штерјев од гласањето.

Џес Бејли: се крсти во „храбрите“ новинари, дава пари на Сител и останатите режимски медиуми

Американскиот амбасадор Џес Бејли побара оставка од Штерјев и Рајевска минатата недела, наведувајќи го судирот на интереси за кој извести Сведок, фалејќи што има неколку храбри новинари кои пишувале за судирот, иако самиот Штерјев тврдеше дека „тетин и внука“ не се роднини, нема судир на интереси и ниту еден закон не го ограничувал да гласа и да ја избере внуката за обвинител за гонење организиран криминал.

Поддршката на амбасадорот Бејли, кој, како и во случајот на ДИК е во улога на свиркач, доаѓа како „награда“ за храбрите новинари, како што вели, кога Амбасадата на САД и УСАИД средствата за поддршка на медиумите ги насочуваат кон медиуми како што е Сител и други слични емисии на досегашните режимски медиуми, на кои немаше стории за советот на обвинители, а изостанува поддршката за како што вели Бејли „храбрите новинари“ кои ги споменува само кога му оди во прилог.

Но, до крајот на неделава се очекува оставката на Штерјев и на Рајевска, за што повика и заменик министерот за правда Оливер Ристовски. Тој, на новинарско прашање рече дека очекува оставки, но не од сите, туку од двајцата членови кои имаат судир на интереси.

Наспроти Ристовски, Коле Штерјев по еднонеделно шетање во Лондон, ги избегна новинарите, најавувајќи само дека до крајот на неделата најверојатно ќе свика прес конференција и ќе одговори на сите скандали, од уништување на службеното возило, до скандалот со изборот на обвинителите, но не беше спремен да го стори тоа сега. На таа средба се очекува Штерјев да ја поднесе оставката, а обвинителите од чиј редови е избран како припадник на националностите, за кратко време да изберат негов наследник.

извор: Сведок