Три години не се пресадуваат бубрези од починат дарител

од desk2
103 прегледи

Кадаверична трансплантација на бубрези, или пресадување бубрег од мртов дарител нема трета година, а годинава направени се четири трансплантации од жив дарител и за овој месец планирани сè уште две, пишува СДК.

Членовите на здружението на бубрежно болни „Нефрон“ апелираа до надлежните да почнат национална кампања за развој на дарувањето органи, бидејќи околу 170 пациенти кои претходно се типизирани и на кои им се направени потребните испитувања на Клиниката за нефрологија сè уште чекаат орган.

„Апелираме до надлежните да почнат со националната кампања за донирање, бидејќи претходно за две години беа направени 15 успешни трансплантации од мртов дарител. Со трансплантацијата се заштедуваат средства што секоја година се трошат за овие пациенти за дијализа, а од друга страна квалитетот на животот на самите пациенти е многу подобар“, вели Душко Ѓорѓиев, претседател на „Нефрон“.

Д-р Гоце Спасовски, од клиниката за нефрологија, кажа дека по прекинот на трансплантациите што настана во 2015 и 2016 година, кога тогашниот министер за здравство Никола Тодоров сакаше центарот за трансплантација од Клиниката за урологија да го префрли во градската општа болница „8-ми септември“, повторно е воспоставена редовна динамика на пресадување бубрези и дека годишно се прават меѓу 20 до 30 трансплантации од жив дарител, односно секој месец најмалку по две.

Тој кажа дека без поголема национална кампања и медиумска поддршка за развој на дарувањето органи, тешко ќе можат повторно да ја заживеат кадаверичната трансплантација, бидејќи најчесто семејството не дава согласност да се земат органите од пациент со мозочна смрт.

Во Македонија има 1.600 пациенти кои се во краен стадиум од хроничната бубрежна болест, од кои 1.350 се на дијализа, а 250 се со трансплантиран орган. Секоја година 300 нови пациенти почнуваат со дијализа, од кои 170 се мажи, а 130 жени.

Годинава Светскиот ден на бубрезите се одбележува во ист ден со Меѓународниот ден на жената 8 март./СДК