Дали изградбата на новиот клинички претставува опасност за археолошкиот локалитет Скупи – оваа дебата на социјалните мрежи ја отворија дел од археолозите. Според нив одлуката на Владата клинички да се гради во Злокуќани ќе направи огромна штета на светско културно наследство како Скупи.

Дел од нив коментираат дека она што е ископано е само мал процент од некогашната колонија. Предупредуваат дека градењето на овој клинички центар ќе мора да се одложи за 5-10 години поради археолошки ископувања чии ресурси во спротивно ќе бидат засекогаш загубени.
Градоначалникот на општина Карпош пак тврди дека локацијата на идниот клинички центар не навлегува во утврдените граници на Скупи и не претставува опасност за археолошкиот локалитет.
„Не би рекол дека ќе се уништи некој дел од археолошкиот локалитет Скупи, бидејќи претпоставувам и Генералниот Урбанистички план во 2012-та година кога е носен е предвидено Д-2 заштитна зона, која е токму во тој дел каде се ископините што се ископани и потенцијално оние кои се наоѓаат под земја, а не се ископани. Овде се работи за дел од земјиштето во Бардовци и Злокуќани кој што е надвор од таа Д-зона. Претпоставувам дека и кога се правел планот било предвидено токму оваа зона да биде зона за здравство, а не таа каде што се ископините. Од тој аспект верувам дека е безбедно“, вели Стефан Богоев.
Градоначалникот Богоев очекува дека наскоро ќе биде донесен и Деталниот Урбанистички План за новиот клинички. Нови булевари и улици ќе никнат во периферијата на градот на локацијата каде ќе се гради објектот.
Како и кој ќе го финансира проектот ќе се знае наскоро. Министерот за здравство во преговори со кредиотрите.
„Доколку навлезевме во овој проект, без разлика на сумата за која станува збор како инвестиција, ќе влезевме во еден циклус од кој никогаш не ќе можевме да излеземе. Циклус во кој што секоја следна фаза во следниот период ќе бараше нова реконструкција на некој нов објект и дополнителен проблем со сообраќајниот хаос“, вели Филипче.
И додека министерот и Владата се убедени дека одлуката за дислокација на Клинички е најдобро решение, од опозицијата обвинија дека тоа ќе значи најмалку 7,5 милиони евра евра кои ќе треба да ги потроши Владата за плаќање на пенали, а 300 милиони евра повеќе за целиот проект..24 Вести