Зошто Трамп е буквално небитен во креирањето на политиката во САД?

од desk2
115 прегледи

Белата куќа на 11 март излезе со предлози за безбедност во училиштата и ментално здравје, вклучувајќи наоружување на професорите, но без значителни предлози за измена на законот за поседување и користење оружје.

Во неговата колумна за „Вашингтон пост“ Пол Волдман вели дека претседателот Доналд Трамп пред две недели одржал бизарна средба со членовите на Конгресот токму на темата за оружјето и сите знаеле дека сѐ што тој рече слободно може да се игнорира.

Кога тој рече дека минималната возрасна граница за купување огнено оружје треба да се зголеми од 18 на 21 година и дека во случаи на опасни луѓе службите треба „прво да го земат оружјето, а потоа да продолжат со постапката“, како и дека за разлика од конгресмените тој ќе се спротистави на Националното здружение за право на поседување и користење на огнено оружје (NRA), и неговите пријатели и неговите непријатели имаа иста реакција:

Колку и да делува чудно, не е баш многу важно, бидејќи во многу догледно време ќе се врати на стандардниот конзервативен став за оружјето.

„Наспроти сите прашања по кои сме поделени, и либералите и конзервативците се согласуваат дека сѐ што излегува од устата на Трамп во врска со креирањето на државната политика е безначајно. Всушност, и не станува збор само за она што го кажува. Од 1919 година кога Едит Вилсон де факто ја водеше владата повеќе од една година откако нејзиниот сопруг, тогашниот претседател Вудро Вилсон, доживеа мозочен удар, се нема случено претседателот на САД да биде толку небитен во креирањето на државната политика“, вели Волдман.

Сме го виделе ова и претходно, продолжува тој. Трамп ќе каже нешто изненадувачки што се коси со конзервативната идеологија или со актуелниот став на републиканците по конкретното прашање, а по неколку дена Белата куќа јасно става до знаење дека нема да го заземе ставот што тој претходно го застапувал. Овојпат, вели Волдман, воочете го фактот дека Трамп го смени ставот по средбата со NRA и ќе претпоставите дека или го заплашиле или го убедиле да се премисли.

Но, тоа не е она што навистина се случи, смета Волдман, бидејќи погрешно е да се размислува во насока дека „го премислиле“. За некој да ве премисли треба да верувате во едно, а потоа да верувате во нешто друго, а во случајот на Трамп поточно би било да се каже дека тој воопшто не верувал во ништо уште од самиот почеток.

„Многу пати досега сме слушнале дека несомнено го убедува последниот човек со кој ќе зборува, иако, пак, ‘убедува’ не е најдобриот избор на зборови“, смета тој.

Досега е јасно дека луѓето кои работат за Трамп добро го сфатиле тоа и очигледно е дека одлучиле едноставно да продолжат со креирање на политиките како тој да не постои. Со неколку помали исклучоци, како трговските забрани, секоја политика на Белата куќа откако тој е на претседателската функција, се носи наклонета строго на конзервативната догма, без разлика дали Претседателот кажал нешто во врска со тоа или не, заклучува Волдман. Импулсивното наклонување на Трамп од една на друга страна секако ги комплицира нештата, но во процесот на креирање на политиките, евентуално некој има задача да оди до Овалната соба и да му каже на Трамп кој ќе биде ставот на неговата администрација, а тогаш веќе сите ќе се преправаат дека тоа е она во кое тој верувал уште од самиот почеток и тој ќе твитне дека демократите се виновни зошто она за кое тој рекол дека го застапува не поминало.

Излегува дека ова е супер за сите што се на страната на републиканците. Пред да стане претседател, Трамп очигледно мислеше дека работното место е главно церемонијално, како да си кралица на Норвешка. Кажи некој говор, поздрави се со некого пред камерите и тоа е тоа. Не помина многу време откако дојде на функцијата кога самиот рече дека е изненаден што работата е многу покомплицирана од водење средно претпријатие за недвижнини, вели Волдман во неговата колумна.

„Во исто време, републиканците беа загрижени дека непостојаниот и идеолошки неук Трамп ќе ги искомплицира нивните детално обработени планови со неговата желба да му угодува на народот, особено бидејќи голем дел од работите за кои тие се залагаат се прилично непопуларни. Но сега стигнаа до идеален компромис: Трамп може да каже што сака додека си игра претседател на ТВ, а неговата администрација и републиканските членови на Конгресот го игнорираат и си креираат политики што ги диктира нивната конзервативна идеологија. Сите среќни и задоволни.“