На плоштадите, на скалилата од институциите, пред куафулињата и сендвичарниците. Ќе ги сретнете децата од нашите улици. Со кутија и испружена рака: „Дајте ми малу пари, госпоѓо, да си купам за јадење!, допир до секого детскиот глас. Некој одминува, друг ќе најде во џебот нешто ситно.
И така со месеци, години, децении.
Децата на нашите улици е состојба со која живееме. Различна во годините, но не и искоренета.
Нема прецизни податои колку деца годишно, наместо дома или во училишните клупи, деновите ги поминуваат на улица. Во питачење.
Во секој град во земјава е слично, различни се само бројките. Колку деца има на нашите улици?
Според Живко Силјаноски, директор на Центарот за социјални работи во Прилеп лани од улиците оттргнале седум деца, а на родителите привремено им ги одзеле старателствата. А годинава, се некои нови деца на тротоарите и на плоштадите.
– Лани, со тим од социолози, од МВР, со патронажни медицински сестри, од улица беа извлечени седум деца кои питачеа. Беа третирани како деца без родители и родителска грижа. Дел беа упатени во домот „11 Октомври“ во Скопје, дел во згрижувачки семејства. Им укажавме прва социјална помош и враќање на училиште. Им издадовме здравствени книшки, работевме со родителите на кои и им поднесовме кривични пријави, но судот ги преиначи во прекршочни. Тоа траеше речиси цела година и сега сметаме дека се подобрени состојбите, барем што се однесува до овие деца. Но, за шал, мора да констатираме дека годинава има нови, дргуги деца кои се на улиците. Затоа сега почнуваме акција со нашите тимови, и не само во среда и сабота, туку перманентно да ги регистрираме состојбите и да преземеме мерки, вели Силјаноски.
Но, децата, пак, ги има на улиците. И невладината организација „Рома С.О.С“ со свои забележувања. Организацијата деновиве, за празникот 8 март спроведе хуманитарна акција за донирање помош, во храна и облека, на 40-ина деца, социјално најзагрозени. Несаиме Салиоска од оваа организација вели, барем половината од овие деца се на улица.
– Според нашите сознанија околу 20 деца се на улица. Тоа е поради крајната сиромаштија, односно бедата. Ние се обидуваме, во повеќе наврати со еднократна помош да помогнеме, но тоа е како капка во морето, вели Салиоска.
Во невладината „Рома С.О.С“ ја сретнавме Џејлам Ерединоска. Дојде да прифати еднократна помош за своите пет деца. Признава дека питачи, но, вели – сама, без децата.
– Со сопругот се обидуваме да работиме, да печалиме. Но нема. Јас питачам во граот. Од социјалното ме бркаат, но што да правам. Мора да ги нахраниме децата, да одат на училиште и да изучат. Не, не ги носам децата на питачење. Ладно е. Седат дома. Ама многу е тешко, вели Ерединоска.
Исамедин Рамаданоски е невработен родител со четири деца, само едно е на училиште. Ќе се снаоѓа, вели, но не ги пуштал децата на улица.
– Само едно од четирите деца оди на училиште. Ме прашува директорката од училиштето „Добре Јованоски“ во нашата населба „Тризла“ зошто децата не се на училиште. Велам, нема пари, што сакате правете, казнувајте ме, ама немам пари да ги пратам на училиште. Се обидувам да најдам каква-таква работа, ама на улица, на питачење, не ги праќам децата. Дури можам да работам, ќе правам сѐ, раскажува Рамаданоски.
За Несиме Салиоска од невладината „Рома С.О.С“ многу е важно државата, конкретно Министерството за труд и социјана политика да преземе мерки за да не бидат децата на улица.
– Ние спроведуваме акции за еднократна помош. И со нив испраќаме порака – оние Роми што имаат повеќе да им дадат на оние што немаат. Еве, сега за прославата на 8 март собраме пари. Но државата мора да преземе конкретни чекори: Прво, центрите за социјална работа да направат регистер на децата на улица. Со тоа децата да добиваат дополнитена финансиска поддршка, зашто им требаат пари за егзистенцијалните потреби. Образовните установи да ги следат состојбите и да најдат начин децата да ги вклучат во системот на образование, а потоа и во пазарот на трудот. Министерството за труд и социјална политика најави дека во фаза се реформи во Законот за социјална помош и зголемување на социјаната помош. Со тоа да се обезбеди минимален достоинствен приход за секое семејство, вели Салиоска.
Секоја година има барања и најави да се тргнат децата од улица. Но нив, се уште ги има на плоштадите, на скалилата на институциите, на ќошињата од нашето секојдневно живеење. Со кутија и испружена рака. За помош.
Елизабета Митреска МИА