Руско МНР: Лондон избра конфронтација со Москва

од Vladimir Zorba
96 прегледи

   Британската Влада се одлучи за конфронтација со Русија со тоа што донесе одлука да не дејствува согласно воспоставените меѓународни формати во случајот на поранешниот полковник  од ГРУ (воена разузнавачка служба) Сергеј Скрипал, соопшти руското Министерство за надворешни работи на својата Интернет страница.

„Наместо да сопствена истрага, да ги активира воспоставените меѓународни формати и инструменти, вклучително и во рамките на Организацијата за забрана на хемиско оружје, за што бевме подготвени, британската влада направи избор во корист на конфронтацијата со Русија “, се вели во соопштението на руското МНР.

„Изјавата на британската премиерка Тереза Мај за казнени мерки против Русија под лажен изговор за некоја вмешаност во труењето на Скрипал и неговата ќерка е груба провокација без преседан која ги поткопува темелите на дијалогот меѓу нашите земји“, објави Министерството за надворешни работи.

Руското МНР уште соопшти дека мерките на Лондон за протерување на 23 руски дипломати ги смета за непријателски.

– Секако нема да изостанат соодветни контра-мерки“, се наведува во соопштението на руското Министерство.

Велика Британија ќе протера 23 руски дипломати поради случајот со труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал, соопшти денеска британската премиерка Тереза Меј во Парламентот. На руските дипломати им е даден рок од една недела да ја напуштат државата. Тоа е најголема мерка од тој вид во изминатите 30 години.

Британија ги прекинува сите билатерални контакти со Русија и го повлекува повикот до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да го посети Лондон.