Специјалното јавно обвинителство (СЈО) до денеска ја анализирало содржината на 515.572 аудио фајлови, односно во обработка се 85 отсто од вкупниот број на прислушуваните разговори. Притоа, изработени се 1.784 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори постои индикација за сторено кривично дело, наведено е во шестмесечниот извештај на СЈО објавен денеска на нивната веб страница.
Во процес на анализирање од СЈО, како што е истакнато во извештајот, се повеќе од 100.000 аудио фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица и во тек е утврдување дали и во колкав број разговори претставуваат предмет на незаконско следење на комуникациите.
Како резултат на одобрувањето на обвиненијата кои претходно СЈО ги поднесе, во извештајниот период се започнати или се закажани рочиштата за најголем број од поднесените обвиненија.
– Од исклучителна важност е да се напомене дека во текот на овој извештаен период се донесени првите пресуди по поднесените обвиненија и тоа за вкупно 11 лица во четири различни предмети, од кои затворска казна за едно лице, а изречени се алтернативни мерки-условни осуди за 10 лица, од кои донесени се пресуди врз основа на признание на вина за четири лица во три различни предмети, се вели во извештајот.
Ова, како што се посочува, е резултат на квалитетната работа и преземените дејствија во спроведените истраги со кои се обезбедени цврсти докази.
Во периодот од 15 септември лани до денеска обвинителите на СЈО отвориле седум нови истражни постапки против вкупно 17 лица, а заведени биле и 136 нови предистражни предмети.
И покрај изразената подготвеност и упатените укажувања, како што е посочено во извештајот, не се преземени мерки за изготвување на законски решенија со кои би се решила правната положба на Специјалното јавно обвинителство.
– Сепак, и покрај изразената подготвеност и упатените укажувања загрижува фактот што во целиот изминат шестмесечен период од страна на надлежните институции не се преземени конкретни мерки за изготвување на соодветни законски решенија во утврдената временска рамка, а со кои би се регулирал и на соодветен начин би се решила правната положба на Специјалното јавно обвинителство, согласно целите утврдени со Стратегијата, се истакнува во извештајот.
Шестмесечниот извештај е напишан на 49 страници, а обвинителката Катица Јанева во наредните денови треба да го образложи во Советот на јавни обвинители и Собранието на РМ.