Заменик-директорот на германската Федерална разузнавачка служба Оле Дил пред претставници на службата рекол дека севернокорејските ракети сега се во состојба да носат нуклеарно наоружување.

Тој истакнал дека ракетите сега имаат домет до Германија и Европа, објави германскиот весник „Билд ам зонтаг“.
Дил, според зборовите на анонимен извор што учествувал на брифингот зад затворени врати, рекол дека ваквата проценка за капацитетите на Пјонгјанг е „сигурна“.
Дил исто така препорачал Федералната разузнавачка служба да гледа на преговорите меѓу Северна и Јужна Кореја како на позитивен знак.
Службата не ја коментирала неговата информација, според „Ројтерс“.
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ денеска објави дека висок севернокорејски дипломат стигнал во Финска на разговори со поранешни високи претставници на САД и Јужна Кореја, во рамките на низата дипломатски средби што би можеле да претходат на евентуален американско-севернокорејски самит на кој би учествувале претседателот на САД Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.