Рокот за одлука истече, Врховен молчи за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba
97 прегледи

Врховниот суд сè уште без одлука дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Митко Чавков остануваат или излегуваат од затворот во Шутка. Иако пред четири дена на јавна седница 15 осомничени побараа да излезат од притвор, највисокиот суд не соопштува дали и каква одлука донел. Одговорите од Врховен се дека новинарите навремено ќе бидат известени. Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој го застапува Душко Лазаров, поранешен шеф на специјалните сили во МВР, нема никаква информација иако 48 -те часа за носење одлука на Врховен веќе истекоа.

 

„Еден Врховен суд, без оглед колку осомничени се во прашање, мора да работи според роковите. Тажно е што и многу пати до сега сум кажал, нема апсолутно никаква одговорност во таквото постапување надвор од законот. Никој од никого не бара одговорност и затоа немаме реформи. Ако имате рок кој сте го пробиле како бранител, ќе трпите последици. Ако судот го пречекори тој рок никому ништо, никој не преземе одговорноста ниту пак, има некакви последици и народски кажано – им се може“, вели Звонко Давидовиќ, адвокат

 Жалбите на притворените за крвавите настани на 27 – ми април за прв пат се адресираа до Врховниот суд. Претходно постапуваше Апелацаија. Дали пратениците на ВМРО – ДПМНЕ ќе излезат по пет месеци од притвор зависи од одлуката на пет врховни судии. Претседател на советот е Јово Вангеловски кој е кум на пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Трајко Вељаноски. Инаку изминатиот период Врховен беше во центарот на вниманието на јавноста. Највисокиот суд предводен од Вангеловски донесе одлука од притвор да го ослободи бизнисменот Сеад Кочан иако тој беше во бегство. Токму за овој случај пред Судскиот совет има постапка за разрешување на Вангеловски и останатите четири судии кои одлучуваа за Кочан иако тој два месеца беше во бегство и полицијата го бараше со меѓународна потерница.

Извор: Алсат-М