Францускиот мислител Жил Делез во однос на филмовите на авангардниот режисер Жан Лук Годар предвиде ново поглавје во седмата уметност, каде се создава израз, визуелна композиција што снима мисли или „филм кој мисли“. Делез, фасициниран од движечката слика која не го следи дотогашниот принцип на потврден филмски конструкт, создаде нова идеја за филмот како концепт, деконструкција и специфична фабулна структура. Звукот, монтажата, актерската игра го надминуваат традиционалното кинематографско темпо, а афектацијата врз гледачот побарува стилизираната форма да се декодира, преведе во мисловниот процес.
Францускиот и јапонскиот нов бран, италијанскиот неореализам во 60-те години од минатиот век, ги надмина филмските правила со иновациски пристап во филмот кои надминува граници, филмот како експеримент, но пред се филмот како идеја. Филмската логика се развива во апстракција, тропонимиска панорама на движечки слики, а од тука времето и просторот во филмската стилизација добива нова динмика, која целосно го менува гледачкото доживување како активен процес на размислување. Уживањето, забавата се претвараат во ангажирано време.
Филмот кој ангажира е фестивалски настроен, ги прогонува филмофилите, филмаџиите, но се поретко може да се најде пред телевизиските екрани. Или како што вели Делез во однос на напредокот на аудиовизуелното и телевизијата која треба да го поддржи филмскиот развој, повеќе и се допаѓа идеата за моќ над општеството.
На телевизиските екрани, ретко ќе најдете филм, па дури и на редовните кино репертоари, од режисерски имиња како францускиот Леос Карас и корејскиот Бонг Џу Хо. Единствено на филмските фестивали можете да се соочите со филмско визуелно искуство од автори кои ја критикуваат и пресоздаваат реалноста. Виртуелното опкружување, симулацијата се присутни кај двајцата режисери, но ја градат во различен филмски концепт. Карас и Џу Хо не ја менуваат перцепцијата на просторот како целосно туѓа, туку како крајно нелогична. Двајцата имаат остварено соработка во трилогијата „Токио!“, каде заедно со Мишел Гондри даваат свој увид на градот каде модерниот човек е силно репресиран од динамиката на метрополата.

Тука може да се видат и споредат интересите на двајцата режисери, но истовремено да се направи дистинкција во нивните стилови. Леос Карас во 2008-та година го создава фикциониот карактерот кој живее во подземјето, поточно во канализација. Се работи за лик кој е отпадник, припадник на паралелен свет, отфрлен од еманципираниот човекот. Додeка Бонг Џу Хо создава љубовна сторија, идеал за другиот, саканиот, фантазија за иделното Ти, каде дава остра критика на вештачката интелигенција.
Потребата за создавање на архетипови со силни деструктивни карактеристики, делува пророчки за човековата иднина која е симулирана, контролирана и копирана од идеали.
Во 2012-та година, Леос Карас го создаде „Свети Мотори“, филм кој доби признание на Канскиот филмски фестивал. Протагонистот е актер, ангажиран да се вклучи како архетип во секојдневниот живот на општеството. Неговиот дом е целосно исклучен од визуелното доживување на гледачот, а самото отварање на филмот каде глуми успешен бизнисмен и оди на работа, покажува дека луѓето секојднево ги интерпретираат своите животи, исклучуваќи го принципот на Јас како битие. Тој постојано е во автомобил кој му служи како студио, а шофер на лимузината е жена која се грижи да стигне постојано на закажаното место на актерскиот ангажман.

Таа релација алузивно потсеќа на принципот на анима и анимус кои се постојано во судир со балансот на егзистенцијата, а колата претставува симбол на движење, животот и постојаната промена .
Во една сосема друга атмосфера Бонг Џу Хо го создава филмот „Преку снегот“. Целата држава е сместена во воз што се движи за време на ледена доба, и оној кој би сакал да излезе од него би се соочил со смрт. Движењето на возот не смее да престане, во спротивно би настанал колапс. Во возот се сместени различни класи, се создава нова идеологија и револуција. Бонг Џу Хо ја прикажува моменталната состојба на општествата и политиките кои се креираат, но дава и метафоричен преглед во историските грешки.

Со силна филмска динамика, моќен наратив во авторството, Бонг Џу Хо и Леос Карас се режисери на филмот кој мисли, т.е филмот кој ќе направи да мисли публиката.
Вероника Камчевска