Ванхауте за Civilmedia: Владата мора да дејствува сега!

од Vladimir Zorba
93 прегледи

Питер Ванхауте, белгиски дипломат, поранешен пратеник во Федералниот Парламент на Белгија, медијатор, специјализиран за политички конфликти, поранешен европски медијатор во македонската криза во 2015, е еден од најпопуларните странски дипломати во земјата. Тој  во интервјуто за CIvilmedia манифестира континуирана посветеност да ѝ помогне на земјата да тргне во вистинската насока – демократија и владеење на правото. Овие денови, неговата мисија е да ги посоветува главните актери за итните чекори кои треба да се преземат во насока на демократските реформи во земјата.

Г. Ванхауте, која е вашата проценка за сегашните случувања во земјата, особено во однос на практиките и политиките на владата?

ВАНХАУТЕ: Би рекол дека има прогрес, во споредба со тоа каде бевме пред една година. Работите дефинитивно се различни. Атмосферата е многу порелаксирана. Гледам многу иницијативи кои доаѓаат од владата и кои се развиваат, но тоа не е доволно. Се зборува за пристапување кон ЕУ, се зборува за членство во НАТО, се зборува и за спорот за името, сето тоа е мошне битно, владата треба да работи на сето тоа.

Но, она што јас сметам дека недостасува е што прво треба да се работи на вистинските приоритети: луѓето се грижат за економскиот развој, за здравствената заштита, за образованието. Овие работи се во срцето на вашето општество и доколку не можете да ги подобрите, тогаш постои огромен проблем.

Питер Ванхауте

Кои се итните препораки, итните чекори кои владата треба да ги преземе во однос на сето тоа?

ВАНХАУТЕ: Би сакал да ја видам владата да излезе со јасна стратегија. Тие треба прво да ги дефинираат приоритетите и да кажат – во следниот период ќе се фокусираме на тоа, тоа и тоа – образование, здравствена заштита, економски развој. Сметам дека ова се најважните прашања на списокот. А потоа треба да излезат со конкретни планови за тоа како ќе ја подобрат состојбата. И тоа не само од нивните канцеларии тука во Скопје, туку треба да патуваат низ целата земја, да разговараат со луѓето, да осознаат поточно кои се проблемите и што може да се стори во најкраток можен рок. Не во наредните дваесет години, туку сега. Треба да дејствуваме сега. Сметам дека тоа е многу итно.

Што треба ние како граѓанско општество да сториме?

ВАНХАУТЕ: Граѓанското општество, идеално, треба да биде во средина, меѓу владата и граѓаните. Но, вие дефинитивно сте на страната на граѓаните, така што, од една страна, треба да ја зајакнете свеста меѓу граѓаните, да ги мобилизирате луѓето во однос на нивните итни потреби и да им кажете – ајде сега да одиме кај владата и да ѝ кажеме што сакаме итно да се направи./Civilmedia.mk