Опозијата незадоволна, Владата позитивна за планот 3-6-9

од Vladimir Zorba
214 прегледи

Владата се пофали дека ја напиша домашната задача која ја нарача експертот Прибе. Со спроведените реформи во изминатиот период од Владата соопштуваат, исполниле најголем дел од активностите каде била потребна промена.  Најавуваат дека требало да се спроведе уште изгласување на неколку реформски закони.

„Клучните реформски приоритети се однесуваа на обезбедувањето услови за функционален демократски парламент; на реформите во правосудството; на реформите во медиумите; на борба против организираниот криминал и корупцијата; на реформите во јавната администрација; на реформите во безбедносните служби; на промените за обезбедување фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ОДИХР  “-пишува во соопштението.

Од опозициската ВМРО-ДМНЕ во соопштение велат, „Владиниот план 3-6-9 доживеа дебакл. СДСМ нема капацитет да ги спроведе реформите за кои презеде обврска. Затоа на овој начин, во сабота, преку соопштение кое нема ниту еден конкретен податок, објавуваат дека поминале деветте месеци и наводно го заокружиле планот.

Да беше така, барем еден функционер ќе се појавеше и ќе објаснеше точка по точка, што се било реализирано. СДСМ организираше спектакли кога ја чистеа владината гаража или кога промовираа поместување на автобуска постојка, а сега ги нема да се појават за реформи кои се суштински за државата.

Министерството за правда втора недела е без прв човек и најголемата трагедија е во тоа што работите се движат исто како и кога имаше министер. Стагнираат.

Премиерот Зоран Заев пред неполни недела дена го формираше Советот за реформи во правосудството, на истекот на деветтиот месец. Проблемот е во тоа што работите функционираат исто, како и без Совет или пак со првиот кој беше формиран па расформиран. Стагнираат.

Власта излезе со некако предлог за реформи во безбедносно-разузнавачките служби, но подобро да не излезеше. Наместо реформи се нудеше враќање во 1949 година.

Се најавуваше борба против корупција, а Македонија потона на дното на листата на Транспаренси. Никој не знае кои се двајцата функционери за кои се водеше истрага за корупција, а граѓаните беа сведоци на изјава на бизнисмен кој пред судот потврди на кој начин се барал поткупот во Струмица.

Владата лаже дека планот е заокружен и дека е реализиран, а наназад 9 месеци гледаме се само не конкретни проекти и реформи.

Изминативе 9 месеци сведоци сме на уценети судии, заробено правосудство, партизирање на јавната администрација, уценети медиуми, силување на демократијата. Државата тоне во корупција и криминал и никаков напредок во безбедносно-разузнавачките служби“.