Илјадници патници на четири германски аеродроми, вклучувајќи го и најголемиот во Франкфурт, се најдоа во проблем денеска поради штрајкот на копнениот аеродромски персонал и другите вработени во јавниот сектор ширум земјата, кои се незадоволни од платите.

Германската авиокомпанија “Lufthansa” соопшти дека откажува повеќе од 800 од планираните 1.600 летови, додека за пореметување во редот предупреди и франкфуртскиот авио-превозник “Fraport”, што се одразува на 90.000 патници.
Штрајкот почна во 5 часот по локално време, а ќе трае, како што е најавено, до 18 часот. Од штрајкот се погодени и аеродромите во Минхен, Келн и Бремен, а во протестот се приклучија и детските градинки, службите за градска чистота и базените во неколку германски држави.
“Со овие масовни штрајкови сакаме да пратиме јасен сигнал до работодавците. Очекуваме понуда за трета рунда преговори која би била вредна за разгледување, за конечно да дојдеме до добро решение”, вели Франк Бсирске, претседател на најголемиот германски синдикат “Верди”.

Тој предупредува дека синдикатот ќе ги заостри протестите ако работодавците не изнесат понуди следната седмица. Инаку, третата рунда преговори ќе започне на 15. април. Синдикатот “Верди” бара зголемување на платите од шест проценти за своите 2,3 милиони вработени во јавниот сектор на федерално и локално ниво. Германската влада и општините го отфрлија барањето на синдикатот.