МО: Измислици се информациите за префрлање 44 војници на АРМ од Авганистан во Сирија

од desk2
290 прегледи

Министерството за одбрана ги демантира информациите изнесени во соопштение на партијата Единствена Македонија дека министерката Радмила Шекеринска имала средба со американскиот амбасадор Џес Бејли на која наводно изразила подготвеност да бидат префрлени 44 припадници на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ од Авганистан во Сирија. Сите одлуки за испраќање војници во мисии, посочуваат оттаму, ги носи македонското Собрание.


– Освен што овие наводи, кои можеме да ги наречеме само чисти измислици, немаат допирна точка со реалноста, тие се и непримерен обид на една маргинална политичка партија и нејзиниот водач за предизвикување на вознемиреност кај јавноста и разнишување на довербата во институциите на државата, се вели во реакцијата од Министерството за одбрана.

Оттаму додаваат дека оваа институција е целосно транспарентна по прашањето за учеството на АРМ во сите мировни мисии (на ООН, ЕУ и НАТО), како и дека така ќе продолжи и во иднина „токму за да се пресретнат обидите на некои кругови како што е денешниот за дискредитација на соработката на АРМ со Алијансата“.
Потсетуваат и дека сите одлуки во врска со учеството на АРМ во вакви мисии се носат од страна на пратениците во Собранието на Република Македонија. Информациите за тоа во кои мисии учествува Армијата на Република Македонија се јавно достапни и отворени за сите граѓани на нашата држава.

Слични содржини