„Американците знаат дека сме во Сирија. Би сакал да постои дијалог преку канали за да се спречи опасниот развој на случувањата“, изјави рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензја.

Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензја ги повика Соединетите Американски Држави и нивните сојузници да се воздржат од воена акција во Сирија поради наводната употреба на хемиско оружје, истакнувајќи дека „моменталниот приоритет е избегнување на војна“.
Запрашан за тоа дали говори за војна помеѓу САД и Русија, рускиот амбасадор одговори: „За жал не можеме да исклучиме ниту една можност затоа што ги видовме пораките кои што доаѓаат од Вашингтон. Тие беа многу воинствени“, изјави Небензја.
„Американците знаат дека сме во Сирија. Би сакал да постои дијалог преку канали за да се спречи опасниот развој на случувањата“, нагласи рускиот амбасадор во Обединетите нации.
„Опасноста за ескалација е многу поголема од самата Сирија затоа што нашата војска е таму… па, ситуацијата е многу опасна“, изјави Небензја кој што заклучи дека „се надева дека нема да има точка од која што повеќе нема да има враќање“.
Неодамна од Москва пристигнаа закани дека руските сили во Сирија ќе го соборат секој американски проектил кој ќе биде лансиран кон Сирија, а рускиот амбасадор во Либан одите до таму што рече дека руската армија ќе ги нападне и локациите од каде што се лансираат ракетите.
После таквите пораки од Русија, следуваше остар одговор од американскиот претседател Доналд Трамп кој што на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша:
„Русија вети дека ќе го собори секој проектил лансиран кон Сирија. Русијо, подготви се, затоа што ракетите ќе пристигнуваат, ќе бидат нови, убави и паметни. Вие не треба да бидете партнери со животно кое што го убива својот народ со гас и ужива во тоа“, порача Доналд Трамп.