За осум месеци, Агенцијата за филм на РМ успеала да расчисти повеќе од половина од наследените долгови или поточно 470.870.862 денари, а со снимање завршиле четири долгометражни филмови.

„ Од затекнатиот пустош и големите долгови во кои се најде оваа најзначајна институција за филмската дејност, по неполна година успеавме да ја вратиме македонската кинематографија во европската насока, каде што таа бездруго и заслужено припаѓа. Иако мала кинематографија, оваа уметност е силен и можеби најафирмиран автентичен културен производ што ја претставува нашата земја во светски рамки. Откако ја кренавме рампата за криминално работење и претворање на филмот во ситно партиски интерес, каде што авторите биле мотивирани по принципот на ‘наши’ и ‘ваши’, направивме детална анализа за примена на соодветна методологија и критериуми за поддршка на проектите и можеме да соопштиме значајни резултати“, соопштува Агенцијата за филм.
Изготвиле и нацрт-програма за привлекување интернационални продукции на филмски и други аудиовизуелни дела, а во рамките на новата стратегија за аудиовизуелна дејност во подготовка е и нов закон кој ќе ја регулира дејноста.
„Во интензивна соработка со најповиканите во оваа дејност, филмските професионалци, ќе постапуваме по нова стратегија за која ќе биде потребно да се донесе и нов закон што ќе ги олесни административните пречки и нема да остави можност за манипулација, а филмаџиите ќе можат да се посветат на креативниот дел и да се отворат кон странските продуценти. Копродукциите, независно дали се тие од малцински или мнозински карактер, се одлична шанса за македонскиот филм да оди напред. Во стратегијата посебно место посветивме на начинот со кој ќе се привлечат странските продуценти“, се вели во соопштението.