Во Карпош тешко се дише. Една од најурбаните општини станува бетонска џунгла –обвинуваат граѓаните. Се гради секаде, за сметка на зелените површини. Непланската градба според нив направила урбан хаос.

„Карпош е една од најзагадените општини, немаме воздух и тој е презагаден, но не е само тоа туку неплански се градат згради. Се носат жители, а не е планирано ни градинки и училишта, но и улиците се веќе претесни. Едноставно, не е хумано веќе живеењето во Карпош“, вели Невена Георгиевска – подносител на иницијативата до Уставен суд, пренесува 24 вести.
Граѓаните на Карпош идната недела на протест пред Уставен, ќе бараат од судот да ги стави на дневен ред четирите оспорени детални урбанистички планови од Општината, кои до судот ги доставиле минатата година. Покрај најавениот протест, на социјалните мрежи се иницираше и онлајн петиција која до сега има собрано неколку стотина потписи, пишува 24 вести.