Комитетот за дигитализација, култура и медиуми на британскиот парламент денеска повторно побара сопственикот на Фејсбук, Марк Цукерберг, пред паламентот да се изјасни за кражбата на лични податоци од корисниците на социјалната мрежа, заканувајќи му се дека ќе му упати службено барање доколку не се појави.

Цукерберг во март го одби повикот за сведочење, дури и по пат на видеолинк, и рече дека ќе го прати техничкиот директор Мајк Шрефер.
Сепак, претседателот на Комитетот Дамиен Колинс, не беше задоволен со одговорите на Шрефер.
– Затоа го повторуваме повикот за Марк Цукерберг – наведе Колинс во писмото упатено до Фејсбук.
Нагласи дека во случај на ново одбивање, Комитетот ќе биде многу помалку помирлив.
– Се надеваме дека позитивно ќе одговори на нашето барање, а ако не биде така, Комитетот ќе му врачи службен повик кога следен пат ќе се најде во Велика Британија – рече тој.
И можноста за службен повик обично е доволна за сведокот да се јави пред парламентот.
Потсетуваме, Марк Цукербер сведочеше пред сенаторите на американскиот конгрес, поради наводите дека консултантската куќа „Кембриџ аналитика“ собрала лични податци за повеќе десетици милиони корисници на Фејсбук и го искористила тој материјал за да му помогне на Доналд Трамп да биде избран за претседател на САД во 2016 година.