Во Софија отворена 11. Македонска книжевна визита

од desk4
163 прегледи

  Во присуство на истакнати македонски и бугарски поети,синоќа во салонот на Македонскиот културно-информативен центар (МКИЦ) во Софија беше отворена 11. Македонска книжевна визита –  манифестација чија мисија е зближување на творците на убавиот збор од двете земји.

Директорот на МКИЦ Сашко Насев отворајќи ја манифестацијата која е во организација на книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, го истакна значењето на поезијата и задоволството првпат да биде дел од овој настан со 11-годишна традиција

– Јас потекнувам од таа естетичка школа која мисли дека медицината е совршена наука, а поезијата е совршена уметност, затоа што и поезијата и медицината се оние кои што го слават животот, рече Насев.

Македонскиот амбасадор во Софија Марјан Ѓорчев, како што јави известувачот на МИА, од своја страна укажа на значењето на мисијата на Македонската книжевна визита.

–  Макавеј со помош на македонските и бугарските поети прават мост меѓу два брега, меѓу една река која што тече и  не обединува. Некогаш брегот навалува на едната страна, некогаш на другата, но реката е една и иста, тече и сите нас не носи кон она што претствува наша заедничка иднина, рече Ѓорчев.

Пред софиската публика Визитата го претстави книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист и публицист Трајан Петровски. За неговото поетско творештво говореа македонскиот поет и литературен критичар Бранко Цветкоски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.

Книжевниот профил на Петровски повеќе од половина столетие се ополнозначува во современата македонска литература. Тој е високо рангиран и трајно етаблиран романсиер, поет и раскажувач. Неговиот поетски говор веќе има освоено и заслужено високо место во македонската лирска фаланга, рече Цветкоски.

Христов, пак, нагласи дека Петровски е личност со богата биографија – житиска и творечка, чија дипломатска служба му овозможила исклучителна мисија на писател и човек кој работи за својата литература без да ја потценува локалната литература и локалните творци во државите каде служел, а тоа се однесува и на неговата работа на зближување меѓу Македонија и Бугарија. 

На поетската вечер со избор свои стихови се претставија дваесетина истакнати македонски и бугарски поети: Петар Караангов, Трајан Петровски, Поли Муканова, Милован Стефановски, Димитар Христов, Бранко Цветкоски, Роман Кисјов, Наташа Сарџовска, Владимир Левчев, Маја Апостоловска, Николај Шопов, Данило Коцевски, Владимир Луков, Смиле Наумовски, Патар Андасаров, Митко Гогов, Надја Попова и Душко Крстевски.

Љубомир Левчев, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата од Република Бугарија, во неможност да присуствува упати поздрав до учесниците на манифестацијата со една од неговите песни.

Македонска книжевна визита во Софија продолжува утре кога традиционално ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, за значаен придонес за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји.

Учесниците на манифестацијата и оваа година традиционално ќе го посетат и ќе положат цвеќе на гробот на Венко Марковски, еден од основоположниците на современата македонска литература.

Македонската книжевна визита организаторот Книгоиздателството „Макавеј“ ја реализира во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.

Слични содржини