Во рамки на Еразмус проектот L’amitie en partage/Споделено пријателство, а во кое ОУ ”Методи Митевски Брицо” од Лозово е вклучено како партнер, во периодот од 14 мај до 18 мај 2018, е домаќин и организатор на транснационална средба со другите партнерски училишта од Италија, Романија, Бугарија, Полска заедно со училиштето од Чашка од Република Македонија.

Во контекст на овие активности денеска во Лозово се одржа Меѓународна конференција за толеранцијата со наслов Мултикултурата и толеранцијата во контекст на професионалниот развој на наставниците-перспективи и можности“.
На конференцијата со 16 реферати за сведоштва и конкретни активности-наставници и професори од сите земји учеснички на конгресот од европските партнерски училишта ја промовираат толеранцијата и мултикултурата во образовниот процес.
Како што изјави за МИА, Светлана Стојкова професор по француски јазик од ОУ „Методија Митевски – Брицо“ од Лозово, коодинатор на проектот за Македонија, целта на проектот е помеѓу наставниците и учениците да ги промовира трајните европски вредности.
– Тоа се реализира низ стратешко партнерство на европски училишта од овие пет земји, а коодринатор е романското улилиште „Александру Шелбун“ од Бакау како и другите партнерски училишта.
Во рамки на проектот кој трае веќе една година сите учесници се сретнале и размениле мислења и искуства со посета на колегите во Романија, Италија и Полска и сега во Македонија.
Елена Софика Думитраску од Романија, главен координарор на проектот, за МИА појасни дека секоја личност која зема одговорност за учество во некои проектни активности може да биде задоволна до одреден степен со тоа што го работи и се што се прави може да оди во подобра насока.
– Сите партнерски училишта си имаат своја улога во овој проект и секој има свои задачи и обврски, а сите заедно придонесуваат кон успешност на целиот проект кој е поврзан со развивање на меѓукултурата и толеранцијата помеѓу учениците и наставниците од петте пријателски земји Романија, Полска, Бугарија, Италија и Македонија, потенцира Софика Думитраску.
Во рамки на конференцијата денеска беше промовирана и публикацијата „Лекции кои го менуваат животот“во која се презентурани со трудови од учесниците на проектот, а Светлана Стојкова координатор на проекот ја подготви, уреди и отпечати./МИА