Македонскиот планинар Георги Петков од Гевгелија починал денес од срцев удар на Хималиаите во обид да го освои највисокиот врв Монт Еверест.

Веста е објавена на сајтот „Хималајан“, а пред малку е пренесена и на веб страницата на Планинарското друштво „Кожув“ од Гевгелија.
Веста за смртта на македонскиот алпинист ја потврдил и менаџерот на базниот логор Ками Нуру Шерпа.
-Во тек се напори за спуштање на неговото тело во долниот логор, додал Шерпа.
Доктор Георги Петков беше дел од експедицијата предводена од британскиот планинар и лидер за комерцијална експедиција, Тим Мосејдеј.
На поход кон искачување на Монт Еверест доктор Георги Петков тргна на 24 март годинава, а според планот требаше до крајот на месецот да се искачи на врвот и да биде шестиот Македонец што го освоил врвот на светот.