Бизнис светот денеска

Берлин – Германски суд донесе одлука дека пиварниците не смеат да го рекламираат пивото како производ кој е добар за здравјето. – Алкохолните пијалаци според правилниците на ЕУ не смеат да се рекламираат на начин кој би моќел да сугерира дека се добри за здравјето, се наведува во пресудата на највисокиот германски суд. Така, германската пиварница „Хаерла“ изгуби на последната судска инстанца откако два суда ја забранија употребата на зборот „Bekoemmlich” во рекламирањето. Германскиот збор “Bekoemmlich” според германскиот речник се дефинира како „лесно сварлив”, но може да се толкува и како „благотворен”.
Загреб – Во хрватските морски пристаништа во првите три месеци од годинава имало помал промет на бродови, патници и стока во однос на истиот период лани, додека на аеродромите прометот на патници е зголемен за 19,7, а на карго за 52,3 отсто, покажуваат податоците на хрватскиот Државен завод за статистика.
Париз – Францускиот мнинистер за економија Бруно Ле Мер предупреди дека стабилноста на Еврозоната ќе биде доведена во прашање, доколку идната италијанска Влада не ги испочитува обврските на земјата во однос на долгот и дефицитот.
Киев – Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека неговата земја планира да го користи Кримскиот мост за да ја поврзе својата територија со јужниот руски регион Кубањ. Тој прецизирасше дека тоа ќе се случи откако Украина „ќе ја врати контролата над Крим“.
Токио – Јапонската Влада предложи нова енергетска стратегија која предвидува висок удел на нуклеарната енергија во енергетскиот микс. Предлогот следува и покрај предизвиците со кои се соочи земјата по катастрофата во нуклеарката Фукушима. Во нацрт-стратегијата за енергетика се вели дека нуклеарната енергија до 2030 година треба да има удел од 20 до 22 проценти во вкупното производство на енергија, а обновливата енергија меѓу 20 и 24 проценти, што е во согласност со целите на јапонското Министерство за трговија од 2015 година.
Москва – Русија вчера ја претстави првата пловечка нуклеарна централа во светот на церемонија во северното пристаниште Мурманск. Овој проект треба да обезбеди напојување со енергија на далечните области во Русија, но воедно ги загрижува еколошките организации. Централата „Академик Ломоносов“, изградена во Санкт Петербург, беше вкотвена вчера во пристаништето Мурманск и претставена на новинарите. Таа треба да се наполни со нуклеарно гориво пред да замие до својата крајна дестинација, оддалечена област во источниот дел на Сибир.