Состанокот е од голема важност затоа што се случува на три дена пред да стапи на сила новиот европски закон за подобра заштита на личните податоци на корисниците.

Состанокот на основачот на Фејсбук, Марк Закерберг и претставниците на Европскиот парламент утре во Брисел, беше потврден од ЕП, а на истиот Закерберг ќе ги објаснува пропустите во заштитата на податоците на корисниците и директно неговите искази ќе бидат пренесувани во живо на интернет.
„Разговарав со Закерберг за можноста за директен пренос на состанокот на интернет. Среќен сум што можам да ви соопштам дека тој го прифати тоа“, изјави претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.
Средбата на лидерите на политичките групи во Европскиот парламент и првиот човек на Фејсбук, која што Европската унија ја побара после избивањето на скандалот со „Кембриџ Аналитика“, беше најавен минатата среда и требаше да се одржи зад затворени врати. Но, многумина се спротиставија на тоа, се бараше Закерберг да даде исказ јавно исто како што тоа го направи и пред американските власти.
Состанокот е закажан за утре и ќе трае од 18:15 до 19:30 по локално време. Посебно е важен овој состанок затоа што се случува на три дена пред да стапи на сила новиот европски закон за подобра заштита на личните податоци.
Најголемата социјална мрежа на светот беше погодена од голем скандал откако што од Фејсбук признаа дека лични податоци на околу 87 милиони луѓе, во најголем дел од САД, дошле во рацете на компанијата „Кембриџ Аналитика“ која што потоа приватните податоци без знаење на корисниците ги искористила во политички кампањи.
После избивањето на скандалот во САД и Европа беа отворени неколку службени истраги, а Закерберг во неколку наврати јавно се извини поради прекршувањето на приватноста на корисниците на најголемата социјална мрежа во светот.
Фејсбук, но и другите интернет гиганти како што се Twitter, Google и слично, ги користат личните податоци на корисниците и нивната активност и пребарување на интернет за подобро насочување на рекламните или политичките содржини, односно поголема ефикасност на рекламите врз основа на личните интереси на секој корисник.