Меѓународна ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“

од desk2
406 прегледи

Со доделување на наградата Гран при која годинава им припадна на младите ликовни творци од основното уметничко училиште Плзен од истоимениот град во Чешка, и со добредојде од градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска, синоќа почна 37. издание на меѓународната ликовна манифестација „Мал Битолски Монмартр“.

Годинава на ликовниот фестивал во Битола учествуваат гости ученици и ликовни педагози од Русија, Тајланд, Романија, Кина, Турција, Србија и од Украина кои од денес до 30. мај со боица и четка во раката ќе сликаат во Битола и Охрид.

-Првиот работен ден на учесниците на ликовната колонија ќе се реализира на Широк Сокак, во Старата битолска чаршија, како и низ битолските маала каде традиционално младите ликовни творци се инспирираат и ја сликаат староградската архитектура. Но, денес, учесниците на фестивалот го одбележуваат и патрониот празник на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, истакна Коста Хаџи Антоновски, раководител на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“.

Тој додаде дека во Битола ќе се слика и во наредните два дена, а в недела ликовниот караван ќе престојува во Охрид каде младите учесници ќе сликааат мотиви од старата охридска архитектура,

Меѓународната ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“ завршува на 30. мај со прогласување на најдобрите учесници на ликовниот фестивал.