Британскиот авангарден уметник Нил Харбисон сега е официјално признат како првиот киборг на светот, благодарение на антената која е вградена во неговиот череп.

Харбисон откри дека е роден со ахроматизам, што значи дека тој гледа само црно-бели нијанси, но не и бои. Сепак, иако не може да распознава бои со неговите очи тој може да ги слушне со помош на оваа антена.
Тој стана киборг по еден уметнички проект кој се случи уште кога беше студент, кога професорите го убедуваа дека треба да почне да користи технологија за подобро да се справи со природниот недостаток. Поради тоа што антената стана дел од неговото тело, тој ја убеди британската влада да го признае неговиот идентитет и официјално да го прогласи за киборг, што по дефиниција е кибернетички организам кој се состои од вештачки (механички) и природни делови.
„Сакав да ја проширам мојата перцепција за реалноста. Антената ми помага да ги доживеам боите на начин на кој никогаш претходно не можев, бидејќи сум далтонист. Се идентификувам како киборг, поради тоа што повеќе не чувствувам дека сум одвоен од технологијата. Таа сега е дел од мене“, вели Нил во интервјуто за DW.
Во антената се наоѓа електронско око која е директно поврзано со чип кој е вграден во неговиот мозок. Визуелните стимуланси се претвораат во електронски сигнали, кои потоа се праќаат во уредот вграден во неговиот мозок, а потоа тој ги претвора боите во звукови. Харбисон сега може да разликува повеќе бои од просечниот човек, па така тој може да се пофали дека може да „слуша“ дури и инфрацрвена и ултравиолетова боја.
И неговата најдобра пријателка Мун Рибас вгради чип кој ѝ помага да има сеизмичко сетило и преку нозете да ги чувстувува сите потреси на светот. Иако повеќе не е единствениот киборг во светот, Нил признава дека единствениот предизвик му е реакцијата на околината.
„Луѓето различно реагираат. Едно време мислеа дека сум Покемон и пробуваа да ме уловат“, вели Харбисон.
Следниот чекор на уметникот ќе биде вградување на посебен уред кој ќе му овозможи да го чувствува времето и неговите промени.