Договорот за спорот за името ќе се потпише во преспанското село Нивици или Псарадес на грчки. Потпис на договорот за решавање на 27 годишниот спор за името, ќе стават македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас како и специјалниот посредник Метју Нимиц. Освен премиерите Заев и Ципрас, на потпишувањето на Договорот ќе присуствуваат и еврокомесарите Могерини и Хан и заменичката на генералниот секретар на ОН.
По потпишување на билатералниот договор, протоколот предвидува заеднички ручек на делегациите но во македонскиот дел на Преспа. Ова ќе биде и прва посета на грчки премиер на Македонија, по повеќе од една деценија.
Потпишувањето на договорот ќе го следат и протести. Населението од Северна Грција се мобилизира за утрешните протести во Преспа. Демонстрациите ги организира „Комитетот за одбрана на грчкиот карактер на Македонија“ кои организираат и автобуски превоз за оние кои ќе сакаат да учествуваат на протестот.
Во Битола, протестен марш ќе одржи опозициската ВМРО ДПМНЕ, која смета дека „договорот е штетен и е во спротивност на националните интереси“.
Очите на Европа денес свртени кон Преспа
Денес еворпските медиуми го најавуваат чинот на потпишувањето и јавуваат дека денес се потпишува историски договор кој може да стави крај на 27годишен спор.
Според агенцијата АФП “дипломатските експлозивни разлики помеѓу Грција и нејзиниот балкански сосед можеби ќе бидат решени денес со потпишување на историски договор за промена на името на поранешната југословенска Република Македонија во Северна Македонија”.

