Боуви на плоштад

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Падот и подемот на теориите за негативната енергија, за системот на вредности и течението на реката на  животот

Една од највпечатливите приказни на моето детство, не е бајка, не е некаква митолошка обланда за борбата меѓу доброто и злото, не е принцеза што обожава чорба од грашок, туку напис во рубриката „Верувале или не“, во најсаканата лектира од детството, едно белградско забавно списание, „Политикин Забавник“. Половина од моето детство помина во исчекување на петок и трчање до најблиската трафика да се купи новиот забавник.

Приказната беше за некој човек што го скршил вратот просејќи ја саканата, приказна на која најмногу сум се смеела во животот. Го запаметив смеењето и приказната бидејќи додека се смеев, паднав од столицата.

Тогаш научив дека една приказна е добра доколку има моќ да ти се пикне под кожа и да стане твоја лична стварност. Или барем да те убеди дека е стварна, не мора да ти стане живот.

А тоа е многу блиску до главната порака на њуејџот, „внимавајте што посакувате, може да ви се оствари“, исто така се однесува и на сонот – внимавајте што сонувате. Па, следствено целата работа се сведува на тоа да научиш што сакаш, како да правиш вистински избор и како да донесуваш правилни одлуки. Како се постигнува тоа? На времето само Кастанеда чат-пат се занимаваше со тоа, шернуваше некои чудни упатства, и колку и да се придржував кон нив, ништо посебно не се случуваше. Требаше во мигот пред да потонеш во сонот да погледнеш во сопствените дланки и потоа ….да следиш соодветни знаци на патот во сонот.

Другата (по моќност) порака: бидете присутни, бидете овде и сега. Еве што смислив „сега“:

Ако тоа значи да бидеш во телото, значи и времето и просторот некако ги ограничуваш во рамките на плоштината на телото. И неговата аура евентуално… Но ако се движиш, и нормално телото ги поместува координатите на системот ‘сега и овде‘, тогаш, тоа овде по неколку минути може да стане „таму“. И тогаш.

Не можам слепо да ги применувам сите теории на светов. Ги проверувам па ги проветрувам, и најчесто ги соборувам. Најнакрај, измислувам сопствена теорија.

Илустрација: Џо Вилсон

Еве вчера, повторно бев во некој град на планетава каде што пред една зграда беа собрани луѓе коишто нешто гласно извикуваа, прилично вознемирени, се качуваа на некаков тенк и мафтаа со знаменца. Што се случува? Не дека до толку Боуви ми бил репер за тоа што и како треба да се мисли, но неговиот филм „Човекот што падна на Земјата, The men who fall on earth“ од секогаш ми бил топ. Така, додека ги гледав тие сцени за миг ми прелета низ кадарот тој, како се качува на тенкот како црна мачка и му го грабнува знаменцето на еден од разјарените и почнува да ја пее Кет пипл. Потоа, наеднаш се будам и сфаќам дека пред зградата на собранието во центарот на градот екипата на Боуви од Холивуд снима спот за најновата ствар. За миг ќе помислев нешто друго. Ќе помислев дека откако ја сними „Смртта на Лазар“ и „Црна Ѕвезда“, Дејвид починал! Но, за среќа било само сон.

Така, будејќи се, решив да ги запишам референците на сонот, гледе  негативната енергија и фукоовото нишало…

Кај еден Русин, а не е Хармс, и не еДостоевски (незнам зошто ми дојде имињата да ги напишам со мала буква: хармс и достоевски), не е Роже Вадим и не е од Нов Зеланд, туку е Вадим Зеланд, читав  дека групите, општествата и секој вид на собиранки да ти биле енергетско-информациски структури, еден вид клатна коишто се хранат и опстојуваат , просто, се нишаат, со помош на негативната енергија што ја црпат од луѓето. Паразити. Ако некој зрачи со негативна енергија значи клатното го има зафатено, односно тој е закачен на клатното без ниту да знае за тоа. Несвесно. Клатнава делуваат на принцип на спин, било во вид на парола, команда од некој центар на моќ како да речеме партија, здружение, група и слично, ставајќи го во погон енергетското тело на човечкото суштество на начин ова да произведува доволно количество т.н. негативна емотивна енергија, за да може клатното да се ниша!!! Симпл ес дет.

 

Последица на клацкањето е што луѓето што се закачени на клатно никогаш немаат доволно енергија, тешко им оди од рака да бидат позитивни, да имаат ентузијазам, да гледаат од светлата страна на работите. Оти работите секогаш имаат темна и светла страна.

Тие сакаат да блокираат во мигот кога нешто ќе тргне напред. Тогаш црпат најмногу енергија. Просто, нивното нишање во тие мигови е толку силно и загарантирано, што едвај чекаат, да не го употребиме зборот демнат, прилика да удрат некоја банана. Паразитот во тие мигови е преплавен со свежа, сочна енергија во која ужива.

Зеланд вели дека не е можно да го сопреш клатното. Тоа што можеш е да проверуваш дали си закачен на некое. Како се чувствуваш? Тоа прашање е еден вид навигационен компас на емотивниот живот на единката. Да не испадне дека прашањето можеш да си го поставиш само пред да те уапси Клинт Иствуд прашувајќи те – „Среќен ли си?“, можеш Сам да се прашуваш. Ако не си расположен сам да си правиш анкета, има само една проста позадина на тоа – негативниот енергетски набој, а изразен во формула на емоции, тоа е познатиот трилинг на страв, гнев и тага! На клатно си! Негативната енергија бидејќи има ниска фрекфенција, математички кажано претставува декомпензација на Љубовта. Така во трилингот се подбутнуваат џокери од разни други не толку силни, но сепак, емоции, како омраза, завист, љубомора, недостојност, вина, разочараност, сомнеж, раздразливост, загриженост. За секое од овие чувства може по еден том да се напиште, но треба ли? Главната одлика на негативноста е префрлањето на одговорноста за тоа што се случува, а се случува живот, на нешто друго – или на некој друг. Околностите, родителите, општеството, владата. Тоа и те како има врска со клатната – кога некој е закачен на клатно, тој и не може да е одговорен за сопствената судбина, бидејќи одговорноста за тоа му ја препуштил на клатното.

Фотографија: Фан Хо

И еве уште една од Аристотел, коешто Даниел Големан го нарекува аристотелов предизвик: „Секој може да се налути, тоа е лесно. Но да се налутиш на вистинска особа, до правилен степен, во вистински миг, поради правилна причина и на прав начин, – тоа не е лесно.“ Затоа на емоционално интелигентните не им е предизвик да ги прават лесните работи, туку потешките. По тоа се разликуваат од емоционално глупите, коишто не треба да се сожалуваат, бидејќи тие токму тоа и го алертираат кај оние што ќе се фатат на нивното клатно.

Пишува: Будимка Поповска

Почетна фотографија: Соџи Уеда