Повици за насилство, палење домови на функционери и институции, закани дека Скопје ќе гори, закани кон новинари, пораки со навредливи и заканувачки содржини осамнаа на социјалните мрежи пред вечерашниот митинг на „Млади за Mакедонија“ под мотото „Никогаш Северна – секогаш Македонија“.

Со повик за учество на вечерашниот протестен митинг пред Собранието се јави и навивачката група Комити, a на протест повика и Солза Грчева од Глас за Македонија. Како свои поддржувачи пак, организаторите ги наведуваат и партијата Гром, Трета опција за Македонците, Македонската координативна мрежа “Сите за унитарна Македонија“ -СУМ, Граѓанската иницијатива “Македонија пред се“ од Охрид, и многу други здруженија и организации од дома и од дијаспората.
Со поддршка за протестот, вчера се јави и навивачката група Комити, која повика на протест и пред десетина дена кој заврши со насилство, солзавец, приведувања. Овој пат тие упатија закани и до новинарите и медиумите кои се обидуваат да ги оцрнат.
„-23.06.2018 да го подржиме Македонскиот народ во борбата за слобода, што допрва следува. Нашата порака е јасна, само Македонија и ништо друго. Нема да дозволиме сопствена промоција на каква било партија или поединец. Со почит кон другите држави, но на ваков протест, исто така, нема да дозволиме знамиња на други држави, бидејќи ова е борба за нас и на никој друг. Во последено време, одредени рекетарски новинари и медиуми се обидуваат да не оцрнат, но очигледно не сфатиле ниедна од нашите пораки. Ако вашиот мизерен живот е ставен во служба на политичките елити и немате сопствено јас, ние не сме ви криви, сеедно ви е, и по вас ќе дојдеме. Да живее Македонија!!! – стои во повикот на Комитите.
Министерот за внатрешни работи, пак, Оливер Спасовски беше дециден дека ќе се санкционираат сите пораки, повици за насилство и говор на омраза на социјалните мрежи. Тој потенцираше дека ќе одговара секој кој удрил врз полицијата или институциите и порача дека никој нема да биде амнестиран. Упати апел до граѓаните да мислат со своја глава и да не наседнат на провокации. И Спасовски предупреди дека имаат индиции дека во сабота повторно се организираат за нереди.
Сообраќајот во центарот на Скопје, утрово од 10 часот, се пренасочува поради поставување на бината. А МВР и денска апелираше до граѓаните да се воздражат од насилства за време на протестите./1ТВ