Децата и тренерот во Тајланд влегле во пештерата за иницијација?

од desk2
191 прегледи

Тајландските морнарички фоки соопштиле дека сите 13 членови на младиот фудбалски тим, кои биле заглавени во пештера на северот на Тајланд поради поплавите, се здрави и дека за нив се грижат лекари.

Во соопштението се наведува дека седум членови на морнаричките фоки, меѓу кои има и лекар и медицинска сестра, им се приклучиле на децата и нивниот тренер во пештерата во која побарале засолниште поради поплавите.

Командантот на морнаричките фоки рекол дека за спасување на луѓето од пештерата се разгледуваат неколку опции, како и дека нема потреба да се брза со акцијата бидејќи децата и нивниот тренер се безбедни во пештерата.

Британски “Sky News” пренесува дека младите фудбалери веројатно влегле во пештерата, и покрај забраната за влегување за време на дождливата сезона, во склоп на ритуал на иницијација.

Како што еден од странските спасувачи, Британецот Бен Рејменантс, објаснил за британските медиуми, децата и нивниот тренер влегле внатре и се обиделе да дојдат до крајот на тунелот во некој вид на иницијација за локалните деца, која подразбира да се потпишат на ѕид на крајот на тунелот и потоа да се вратат назад.

Како што се наведува, спасувачите служби се обидуваат да ја испумпаат водата од поплавената пештера Тан Луанг Нанг Нонг, но имаат голем проблем со времето, бидејќи иако монсунските дождови моментално престанале, метеоролозите прогнозираат дека наскоро ќе продолжат, што значи дека нивото на водата ќе се крене и децата и нивниот тренер можеби ќе мора да останат под земја уште четири месеци, додека монсунската сезона не заврши.

Алтернативата е децата и тренерот да препливаат, односно да изнуркаат четири километри долг пат од комората во која се сокриле од водата до влезот пештерата, при што спасувачите би ги воделе и би им дале нуркачка опрема.

Меѓутоа, таа опција е опасна од две причини – првата е дека децата не знаат да пливаат, поради што постои ризик да се удават, а втората е дека низ тесните, мрачни и поплавени пештерски премини тешко им е да минат и на искусните нуркачи.

Децата и нивниот тренер биле пронајдени живи во пештера на Тајланд, десет дена откако исчезнале во неа, исцрпени се и имаат помали повреди, а преживеале така што пиеле вода која капела од сталактитите.

Спасувачките тимови на Тајланд во понеделникот ги пронашле 12 деца, на возраст од 11 до 16 години, и нивниот 25-годишен фудбалски тренер, кои на 23. јуни влегле во пештерата Там Луанг.

Спасувачите сега мора да одлучат како најдобро да ја извлечат групата, а предупредиле дека тоа би можело да потрае, по што спасените деца и тренерот ќе бидат предадени на лекарскиот тим кој чека пред пештерата.

Во меѓувреме, на децата и тренерот им се доставени енергетски гелови за да издржат додека не се направи план за нивно безбедно извлекување.