„ББ 2018“: Балканците не веруваат во своите пратеници

од desk4
81 прегледи

Задоволството на луѓето и стопанствениците во регионот на Балканот иако е под просекот, постојано се зголемува. Ова е главниот заклучок од годишното Истражување на Балкански барометар (ББ) 2018 година, што редовно го подготвува Регионалниот совет за соработка (РСС) а беше презентирано вчера во Брисел во рамки на состанокот на РСС.

Невработеноста се уште е најголемиот проблем со кој се соочува регионот, има сигнали за подобрување на состојбата на пазарите на труд, што се оценува како позитивен тренд во насока на спречување на одливот на мозоци.

Истражувањето открило дека се уште е евидента ниската доверба во политичките институции и широко распространетата апатија меѓу граѓаните, а повеќето од испитаниците одговориле дека не се подготвени да се вклучат во процесот на носење владини одлуки. Подобрувања се забележани во однос на регионалното расположение за интеграција во ЕУ.

И покрај оптимизмот истражувањето покажало дека од 6000 испитани граѓани на Балканот, 1260 од нив не се во можност да платат кирија или сметки за комуналии а 840 рекле дека не се во можност да си ги дозволат основните потреби како што е облека, храна и слично.

Фото: Економските очекувања на граѓаните од шест држави од Bалканот изразено во проценти

Македонците најсигурни во своите работни места

Македонија во моментот се соочува со бран на оптимизам, по надминувањето на политичката криза, која предизвика застој во функционирањето на државата, е оценка во годишниот Барометар.

Од 1000 испитани Македонци 750 веруваат дека и натаму ќе бидат вработени во следните 12 месеци, што е највисок процент во регионот.

Фото: Резултати од одговорот на прашањето „Колку ви се сигурни работните места во следните 12 месеци“ изразено во проценти

400 од анкетираните македонски граѓани сметаат дека владата најчесто ефективно се бори против корупцијата а 350 пак се проактивни во однос на добивање информации за можностите во странство.

Што се однесува до резултатите за Македонија, околу 350 од граѓаните изразиле неутралност по прашањето како се задоволни од тоа како се одвиваат работите во македонското општество. Притоа, 210 изјавиле дека се претежно задоволни, а околу 20 граѓани одговориле дека се целосно задоволни. Делумно незадоволство изразиле околу 260 од испитаниците а целосно незадоволство околу 170 испитани Македонци.

Од услугите што ги нуди централната власт, од 1000 испитаници целосно задоволство изразиле 90 од нив

Генерално задоволство чувствуваат 430 граѓани, 310 не се ниту задволни ниту незадоволни, а 110 се генерално незадоволни. 40 испитани граѓани се целосно незадоволни, додека 20 од илјада испитаници одбиле да одговорат на прашањето.

„Иако невработеноста и натаму е најважен проблем со кој се соочува регионот, интересно е дека граѓаните се повеќе како главен предизвик ја гледаат емиграцијата, т.е. одливот на мозоци, со оглед на фактот што тоа го потврдиле 12 отсто од испитаниците, што е за 5 отсто повеќе од 2015 година“, изјави Горан Свилановиќ, генерален скеретар на РСС, претставувајќи го Барометарот 2018 година.

Балканските народи со различни приоритети

Косово има највисок процент на домаќинства со по тројца вработени – 22 отсто. Косовските граѓани изразиле највисок оптимизам во однос на нивната лична финансиска ситуација – 42 отсто од нив очекуваат натамошно подобрување.

Во Србија, мнозинството семејства – 55 отсто велат дека немаат невработен член, а Србите најмногу од сите граѓани во регионот, 90 отсто избираат домашни производи. Србија има најмногу граѓани кои би останале во државата – 58 отсто велат дека не ја разгледуваат можноста да се иселат во странство, наспроти 32 отсто кои би го сториле тоа. Деведесет отсто од граѓаните на Србија се задоволни од нивната интернет конекција, што е највисок процент во регионот.

Тешката работа е предуслов за успех изјавиле 35 отсто од Црногорците, што е највисока вредност во регонот во однос на ова прашање. Во Црна гора е забележан највисок скок во бизнис очекувањата за следната година, од 66 отсто во 2016 на 81 процент во 2017.

И јавноста и стопанствениците во Албанија се најсвесни за придобивките од влезот во ЕУ. Осумдесет и еден отсто сметаат дека регионалната соработка ќе придонесе за подобрување на политичката или безбедностата ситуација, а следствено на тоа и можност за развој на економијата. Во Албанија има највисок процент на граѓани, кои сакаат да работат во приватниот сектор – 28 отсто, на регионално ниво овој процент изнесува 16.

Во БиХ карактеристична е разликата меѓу песимизмот кој го изразуваат граѓаните и оптимизмот, кој го изразиле стопанствениците. Четиритесет и осум отсто од компаниите нагласиле дека нивната ситуација се подобрила во изминатите 12 месеци. Босанските компании пријавиле највисок процент на извоз на други пазари – 19 отсто во споредба со 13 отсто на регионално ниво.

Исклучителен недостиг на доверба во институциите

Во Истражувањето на ББ 2018 е забележан исклучителен недостиг на доверба во институциите. Парламентот е институција, која ужива најмала доверба – 28 отсто, а најголема има Омбудсманот 37 проценти. Подмитувањата се доминантни во здравството за 15 отсто од испитаниците, шест отсто сметаат дека тоа се случува во полицијата, а четири проценти во судството.

Најкорумпирани според испитаниците се политичките партии. Од 6000 илјади испитани граѓани на Балканот 4740 од нив одговориле дека политичките партии се најкорумпираните институции. За 4500 граѓани најкорумирани се луѓето вработени во правосудниот систем. Исто толку граѓани сметаат дека Царината е најкорумпирана а 4440 сметаат дека корупцијата е најмногу распространета во здравството. 3780 Балканци сметаат дека образованието е најкорумпирана општествена гранка а 2520 го мислат истото за образованието.

Бизнисмените се позадоволни од граѓаните  

Генерално, позадоволни и пооптимисти се стопанствениците, кои сегашната состојба и предвидувањата за иднината ги оценија со индекс 62 на скала од 1 до 100, додека индексот на мислењето на јавноста пораснал за 7 отсто и од 35 отсто позитивни во 2015 година, сега позитивно мислење за сегашноста и очекувања од иднината, изразиле 43 отсто испитаници.

Седумдесет и еден отсто од македонските компании сметаат дека квалитетот на регионалната соработка е мошне важен за напредокот на нивниот бизнис.

На прашањето кои се најчестите препреки при запослувањето, 45 отсто од испитаните граѓани оцениле дека непознавањето на соодветна личност е најголемата препрека додека 20 отсто одговориле дека тоа е дискриминацијата.

Од сите испитаници на Балканот околу 27 отсто работодвачи одговориле дека преферираат да запослат мажи а 12 отсто од нив рекле дека не вработиле Роми без разлика на нивната квалификација.

Осум отсто од стопанствениците кажале дека инвестирале или дека во блиска иднина планираат да инвестираат во странство а 41 отсто не покажале интерес за за извоз на своите производи.

Индексот на задоволство во пораст а граѓаните сепак во апатија

Јавниот индекс на задоволство бележи зголемување за седум отсто, од 35 во 2015 на 42 отсто во 2018.

Педесет и шест отсто од граѓаните се незадоволни од моменталната економска состојба, додека задоволство изразиле 14 отсто, што е за пет проценти повеќе од 2015.

Шеесет и девет отсто од граѓаните на Балканот својата социо-економска состојба ја сметаат за просечна. Четириесет и седум отсто не можеле да си дозволат викенд надвор од дома во изминатите 12 месеци ( во 2015 овој процент изнесувал 53), 19 отсто не можеле соодветно да го затоплат својот дом (во 2015 година 22 отсто), 21 отсто не можеле да платат наемнина или сметки (во 2015 – 29 отсто), а 14 отсто не можеле да си дозволат основни намирници, како облека и храна ( во 2015 – 21 отсто).

Намалена довербата во ЕУ

За разлика од 2015 кога 27 отсто од испитаниците веруваат дека нивната земја ќе влезе во ЕУ до 2020 година, сега тој процент изнесува 12. Забележано е зголемување на испитаниците, кои веруваат дека нивната земја ќе влезе во ЕУ до 2030 година, од 14 отсто лани на 20 отсто во ова истражување. Дваесет и шест отсто од анкетираните сметаат дека тоа нема никогаш да се случи.

Фото: Одговор на прашањето „Дали зачленувањето во ЕУ е добро, лошо или ниту добро ниту лошо за вашата земја“ изразено во проценти

Задоволството од севкупната бебедносна состојба е под просекот. На скала од еден од пет, оваа година задоволството од безбедноста изнесува 2,6, а лани било 2,5.

Директорката за Западен Балкан при Генералната дирекција на Европската комисија за соседство и проширување Џеновева Руиз Калавера изрази задоволство што може да каже дека регионот полека ја здобива довербата во процесот на интеграција во ЕУ.

„Нема пократок пат во подготовките за влегување во ЕУ, а Унијата е тука да даде подршка и да им помогне на нашите партнери од Западен Балкан, изјазви Рузи Калавера.

Регионалниот совет за соработка е оперативно меѓувладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈиЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.

Балканскиот барометар е најголемо годишно истражување во регионот и опфаќа преку 6000 илјади луѓе и околу 1200 стопанственици.

Ова е четврто издание на Балкан барометар, истражување што се спроведува во рамки на Советот за регионална соработка, а во кое се обработуваат податоци за очекувањата и аспирациите на населението во регионот и на бизнис заедницата за теми поврзани со животот и работата, социо-економските и политичките трендови, како и регионалната соработка и европската интеграција.