За изнаоѓање можности за непречена и целосна имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со хендикеп разговарале, меѓу другото, премиерот Зоран Заев и претставниците од здружението „Полио плус“ – претседателот Звонко Шаврески и програмскиот раководител Елена Кочовска. 
На средбата биле разменети мислења и за продлабочување на соработката помеѓу Владата и „Полио плус“, како и со други граѓански организации кои ги застапуваат правата на лицата со хендикеп посебно во делот на подготовката за почетокот на претпристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија, односно за поглавјата кои ќе значат усогласување со европските стандарди за подобрување на условите за живот на лицата со хендикеп. 
– Премиерот Зоран Заев ги потврди цврстите заложби на Владата на Република Македонија за овозможување соодветни услови за институционална вклученост на лицата со хендикеп во процесите на одлучување кои се однесуваат за подобрување на условите за живот на оваа категорија граѓани и изрази силно уверување дека низ заедничка соработка со здружението „Полио плус“ ќе произлезат многу решенија коишто ќе бидат од интерес и во служба на подобрување на условите за живот на граѓаните со хендикеп, соопшти владината прес-служба.