Од селата Габрово и Град, преку најпознатото делчевско маало Расадник, па се до селото Бигла, од година во година се плетат приказните на делчевските иселеници кои во месец август одморот го користат за посета на родната грутка. Дел од нив со своја мисија да помогнат во решавањето на локални проблеми кои граѓаните не можат да ги решат без нивна поддршка. Мисијата на иселеникот Зора Димитровска од село Габрово е повеќе од хумана. На нејзина иницијатива на 31 јули годинава, иселениците ширум светот се собраа пред училишниот двор во Габрово и ја изразија својата поддршка за доизградба на црквата Св.Великомаченик Димитриј, за чиј фрескоживопис се потребни околу 20.000 евра.
