Научниците на NASA пронајдоа мраз на површината на Месечината, од поладната страна која Сонцето никогаш не ја допира. Ова откритие повторно ја отвори дилемата за постоење на живот надвор од Земјата, но и се поставува прашањето: Дали луѓето можат да живеат на Месечината?

Мразот беше пронајден распрскан низ површината на нашиот најблизок сосед, Месечината, криејќи се во поларните региони кои Сонцето не ги допира.
Новото откритие додава уште еден елемент во равенката со која ќе го решиме вечното прашање: „Дали постои живот во вселената на некое друго место освен Земјата?“. Дури и да не се работи за вонземјани или пак организми кои живеат на Месечината, мразот пронајден на Месечината веројатно сугерира дека луѓето можат да направат колонии таму и да живеат во услови слични како на Земјата.
Дали тоа значи дека сепак постојат вонземјани?
Веројатно не. Главниот критериум кој NASA го користеше досега е да истражува на места каде може да најде вода, бидејќи водата му е потребна за преживување на секое живо суштество, но тоа не значи дека секаде кај што постои вода мора да постои и живот.
Условите на Месечината и понатаму остануваат многу сурови. Во темните делови каде зраците од Сонцето не ја допираат површината е премногу ладно, додека онаму каде сончевите зраци ја осветлуваат површината е неверојатно топло – скоро невозможно за живот. Ако на тоа ја додадеме и радијацијата која се наоѓа на површината на месечината, тогаш станува јасно дека постоење на живот онаков каков што го знаеме на Земјата е невозможно.