ВМРО ДПМНЕ ќе се откаже од владините средства за референдумската кампања, напиша лидерот на партијата, Христијан Мицкоски на неговиот ФБ профил. Како што наведува во јавниот допис, најголемата опозициска партија овие средства ќе ги пренамени за потребите на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, а кампањата ќе ја водат од сопствени средства. Сепак конечниот став на партијата се уште не е познат, но дообјаснуваат:

„ВМРО-ДПМНЕ со сопствени сили и средства, наоѓајќи потпора во народот, кој е столбот и вистинскиот извор на власт и легитимитет во оваа земја, пред се одејќи од врата на врата, од дом во дом, во маалата, градовите, селата, ќе учествува во кампањата и ќе биде против овој договор и во моментот кога ќе го дефинираме конечниот став во однос на самиот чин на гласање, учество на референдумот, истиот ќе биде соопштен на граѓаните” – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот гест пак на Мицкоски владејачката СДСМ го оцени како лицемерен. Во реакцијата наведуваат:
„Пред да се расфрла со лицемерни ставови, Христијан Мицкоски пред јавноста треба да го соопшти неговиот и ставот на неговата партијата за референдумот. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го условуваа формирањето на ДИК со барање да се донесе Закон за финансирање на партиите со пари од Буџетот. Тие го доведоа во прашање распишувањето на референдумот со кочењето на изборот на членови на ДИК“ велат од СДСМ.
Во меѓувреме, пак, преписки на релација власт-опозиција, но и За, Против и Бојкот на референдум – се огласија повторно и од Кризниот штаб, кои во последната јавна преписка го обвинија министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски дека неговото министерство ја следело платформата „Бојкотирам“ кои ја предводат тие.
Од МВР, пак, експресно ги демантираа овие информации појаснувајќи дека:
„Министерот Спасовски исто како и граѓаните ги следи политичките случувања што во никој случај не значи полициско следење како што некој сака да манипулира. МВР најостро ги отфрла шпекулациите и извртувањата за наводно прислушување и следење членови на оваа платформа“ велат од МВР.
И додека се поинтензивни стануваат јавните преписки на релација референдум, За, Против и Бојкот, течат и последните два дена во кои и официјално пратениците ќе треба писмено да го известат собранискиот спикер, Џафери во кој формат ќе ја водат кампањата.
Пратеникот Антонио Милошоски, пак, чија партија се уште го нема дефинирано својот став по однос на референдумот вчера индивидуално побара да му бидат дадени средствата кои го следуваат за да води кампања со бојкотирачки став./24Вести