Никола Груевски од прес-конференција во Собранието на РМ најави дека денеска нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.
Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.
Ќе дојде време, дополни, кога народот ќе си ја врати власта во свои раце и кога ќе се преиспитаат ваквите одлуки.
– Мене не ме суди судот, туку политиката. Се ќе се издржи и ќе помине, но нема да се заборави. Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев, укажа Груевски.
Се пожали и дека во петокот му бил закажан термин за седница кога сите негови адвокати учествувале на рочиште за „27 април“, а тој сам во Апелација поминал 11 часа.