Поднесеното барање од адвокатите на Никола Груевски за изземање на специајлната јавна обвинителка Катица Јанева е одбиено како недозволено, имајќи ги предвид одредбите од ЗКП и од Законот за СЈО, пред да почне расправата за првостепената пресуда во случајот „Тенк“.
Четворицата адвокати на обвинетиот Никола Груевски и адвокатот на сообвинетиот Ѓоко Поповски утрово побараа изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева.
Апелацискиот суд размислуваше што да прави со ваквото барање, бидејќи не постои можност да се бара изземање на јавен обвинител или специјален јавен обвинител. Праксата покажува дека вообичаено се бара изземање на судии и обвинители од конкретни предмети.
Претседателката на судечкиот совет на Апелацискиот суд Цветанка Периќ рече дека бидејќи барањето за изземање е одбиено, не постојат пречки за продолжување на јавната седница за жалбата на првостепената пресуда за Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.
На седницата не присуствуваат Груевски, како и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Анаков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговиот адвокат Стерјо Зиков дојдоа во Алецискиот суд.
Пред судот има полициско обезбедување, а има и граѓани кои протестираат.
За случајот „Тенк“, односно за набавката на лускузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.
Во Кривичниот суд во Скопје за „Тенк“ се води и раздвоена постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.