Со влезот во најмоќниот воен сојуз на светот, Македонија ќе стане 30. земја-членка со право на глас и одлука. Со тоа, државата влегува во безбедносниот штит на овој воен сојуз, трајно заштитувајќи ги своите граници и територија, а станува и фактор на стабилност во регионот, порачаа поддржувачите на референдумот на вчерашните јавни настапи и особено на средбите со граѓаните.
Македонскиот јазик, како што посочуваат, ќе стане официјален во најголемиот сојуз на светот и сите официјални комуникации меѓу Република Македонија, НАТО и земјите-членки ќе се водат и преведуваат и на македонски јазик, како официјален и признат јазик.
Интеграцијата на Македонија во НАТО ќе значи цврсти државни граници, безбедност и сигурност на децата и идните генерации, а НАТО Алијансата значи паметна одбрана преку концепт на здружени ресурси помеѓу сојузниците кои чинат помалку, а се многу помобилни, велат поддржувачите.
– Со оваа одлука на 30 септември нема повеќе да има мајка која се грижи своето дете, затоа што трајно ќе ги обезбедиме мирот и слободата во нашата Македонија, истакна вчера премиерот Зоран Заев на средбата со граѓаните во Гостивар.
Излегувањето на референдум, според него, е обврска, а неизлегувањето кукавличлук и неодговорност кон државата.
Вратата на НАТО е отворена, искористете ја шансата на 30 септември, порача вчера од Скопје и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, охрабрувајќи ги гласачите да се појават во голем број на денот на референдумот.
– Нема друг пат за зачленување во НАТО. Јас разбирам дека некои мислат оти можат да кажат „не“ на референдумот и „да“ за членство во НАТО. Не постои таква алтернатива или ќе кажете „да“ за спогодбата и референдумот и „да“ за НАТО. Идејата дека може да ја отфрлите спогодбата со Грција и да се зачлените во НАТО е целосна илузија. Како пријател на вашата земја морам да бидам отворен со вас. Бев присутен на Самитот во Букурешт во 2008 и знам колку е тешко ова прашање, рече Столтенберг.
Со влегувањето во НАТО стануваме земја во која владеат правилата, редот и законот. Со исполнување на домашните обврски, создаваме функционална држава во која владеат редот и законот и во кој институциите се сервис на граѓаните – отворени и отчетни.
– Рецепт за подобар живот во Република Македонија е да станеме членка на НАТО и Европската унија, истакна пред чаирчани министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
За поддржувачите на референдумското „ЗА“, бришењето на меѓудржавните спорови и зголемената безбедност на границите води кон подобрување на конкуретноста и атрактивноста на земјата за надворешните бизниси. Со самиот влез во Алијансата би се отвориле границите за домашниот бизнис и би се зголемиле странските инвестиции, а сето тоа пак доведува до отворање нови работни места, зголемување на растот на платите и зголемување на извозот.
Интеграцијата во НАТО, според нив, ќе има позитивно влијание и врз развојот на инфраструктурата, односно нови патишта, железници, комуникациски и енергетски системи. Позитивен импулс ќе добијат и неколку други сектори како информатичката и телекомуникациската индустрија, туризмот и образованието кое ќе биде посебен кадар кој се бара за учество во најмодерниот одбранбен систем на светот.
Поддржувачите на референдумот посочуваат дека економиите во сите земји по влезот во Алијансата доживеале драматичен пресврт и бележат двојно до тројно зголемување на странските инвестиции кои значајно го придвижуваат економскиот раст. Така, Црна Гора, како земја членка на НАТО од април 2017 година за само една година бележи двоен раст на инвестициите од 96 милиони евра на 215 милиони евра во 2018 година, а за 25 проценти раст и кај бројот на туристи. Во Бугарија една година откако стана членка инвестициите пораснале за 36 проценти од 7,5 милијарди евра во 2004 на 11,5 милијарди евра во 2005 година. Тројно зголемување на инвестициите бележи и Естонија по влезот во Алијансата и тоа од 775 милиони евра во 2004 година на две милијарди евра во 2005 година.