Францускиот амбасадор во Република Македонија, Кристиан Тимоние во интервју по повод 20 години од работењето на МИА изрази задоволство од постигнатиот напредок на Агенцијата за објективна и избалансирана информација.
Веќе 20 години МИА настојува да ги задоволи професионалните стандарди во сферата на нејзината функција. Колку сте задоволни од досегашната соработка со Агенцијата и информациите кои таа ги нуди?
Амбасадата на Франција упатува честитки до МИА и до сите соработници за овој јубилеј. Ова е повод да поздравиме одличен партнер и еден од сигурните извори на информарање во земјата. Амбасадата особено ги почитува напорите за објективна и избалансирана информација, а особено напредокот кој беше постигнат во таа насока од пред година дена. Еден од суштинските услови Македонија да напредува на нејзиниот европски пат е да поседува квалитетен јавен информативен сервис.
Сметате ли дека рејтингот на МИА се движи во нагорна линија?
Рејтингот на МИА ќе се движи по нагорна линија уште повеќе поради почитувањето на плурализмот и разноликоста но и благодарение на динамичната промоција, како онаа за време на последните избори како бесплатен сервис за медиумите кои имаа пристап до поизбалансирана и понезависна информација.
Какво е според Вас значењето и улогата на МИА во земјата и регионот?
МИА може да послужи како пример за една Македонија која го негува плурализмот во информирањето, тема која е чувствителна во регионот, каде слободата на медиумите е се уште релативна, па дури и загрозена, надвор од принципиелните изјави.
Која е Вашата порака за МИА по повод 20-годишниот јубилеј ?
Браво и благодарам на МИА! И посакуваме се повеќе да се развива, да биде поблиску до случувањата, да ја остварува целосно својата улога кај јавноста, што е од витално значење за вистинска демократија. Независен и ефикасен јавен информативен сервис е клуч за вашата европска иднина: тоа е постојана битка насекаде. Со среќа!
Габриела Точко МИА