Рускиот пилот Даниел Квјат сигурно се враќа во Формула 1 и од следната сезона ќе се натпреварува за тимот на „Торо Росо“, соопшти BBC.
24-годишниот Квјат веќе потпишал договор со италијанскиот тим, но официјално тоа ќе биде објавено на крајот на септември за време на Гран при на Русија во Сочи, иако информациите за тоа се појавија уште кон крајот на минатиот месец.
Тој возеше за „Торо Росо“ во два периоди во кариерата досега – при своето деби во 2014 година и од средината на 2016-а до крајот на 2017 година. Русинот ќе го замени Французинот Пјер Гасли, кој ќе се пресели во Ред Бул.
Квјат исто така се натпреваруваше и за „Ред Бул“ во 2015 година и во почетокот на следната сезона, токму со овој тим постигна и најдобар пласман – трето место во Гран при на Кина на 17 април 2016 година.
Квјат во моментов работи како пилот за развојот на автомобилот на Ферари.