Убави и опасни: Американски хирург и девојка му дрогирале и силувале стотици жени

од desk2
84 прегледи

Хирург од Калифорнија и неговата девојка се обвинети за два сексуални напади, а инспекторите се сомневаат дека најверојатно има уште стотици жртви.

Грант Вилијам Робишо (38) и Сериса Лора Рајли (31) наводно нападнале две жени кои ги запознале во бар и во ресторан во 2016 година.

Обвинителите рекоа дека на нивните телефони има „илјадници“ видеоснимки со потенцијалните жртви.

Полицијата работи на идентификување на жените од видеата.

На вчерашната прес-конференција, јавниот обвинител на Оринџ Каунти Тони Ракокас рече дека двајцата најверојатно го користеле својот изглед на „убави, прибрани и пристојни луѓе“ за да ги намамат жртвите.

„Сметаме дека обвинетите го користеле фактот дека се атрактивни и шармантни за да ја намалат недоверливоста или инхибираноста на потенцијалните жртви“, рече тој.

„Има неколку видеа на кои жените делуваат премногу пијани или дрогирани за да може да дадат согласност или да пружаат отпор и одвај реагираат на сексуалните дејствија на обвинетите.“

Робишо е хирург ортопед од Њупорт Бич, на 72 километри јужно од Лос Анџелес.

Инспекторите рекоа дека двајцата работеле „во тандем“ за да запознаваат жени во барови, потоа ги дрогирале и ги поттикнувале да пијат огромни количини алкохол, а потоа ги носеле во станот на Робишо каде ги напаствувале.

Наводните напади на двете жени за кои се товарат се случиле пред две години.

Првата рече дека ги запознала двајцата во ресторан на 10 април, 2016 година и дека ја поканиле да оди со нив на забава на брод.

Откако се опила, 32-годишната жена наводно била однесена во станот на Робишо и силувана.

Таа следниот ден го пријавила настанот во полиција и тестирањата покажале присуство на неколку видови дрога во нејзината крв.

И двајцата обвинети се товарат за силување со помош на дрога во овој случај.

Другата жена тврди дека на 2 октомври, 2016 година се разбудила во станот на Робишо откако цела ноќ пиеле и врискала толку гласно што соседите повикале полиција. Жената на полицијата ѝ рекла дека вечерта пиела во бар во Њупорт Бич со двојката и дека потоа се онесвестила.

Во овој случај двојката се товари за сексуален напад со намера за силување.

Полицијата рече дека успеала да најде видео од едната од двете нападнати жени.

Робишо и Рајли се товарат и за поседување разни дроги, меѓу кои GHB (позната како дрога за силување), психоделични печурки, екстази и кокаин.

Полицијата извршила претрес на станот на Робишо во јануари, 2018 година и нашла нелегални супстанци, две нерегистрирани полуавтоматски пушки, четири други видови огнено оружје и муниција.

Ако бидат осудени, Рајли може да добие 30 години затвор, а Робишо 40.

Обвинителот Ракокас рече дека луѓето најчесто очекуваат силувачите и манијаците да бидат некои морничави, страшни мажи, но не очекуваат дека носат докторски мантил и дека работат во договор со убава жена.