Пад на бројот запишани студенти во Македонија

од desk2
103 прегледи

Во Македонија во првиот уписен рок на факултетите е забележливо дека има намалување на студентите, велат професорите. Како главни причини се посочуваат невработеноста, широкиот спектар на научни области во странство и пристапот до нова стручна литература, пишува РСЕ.

Академската година за студентите на универзитетите во Македонија почнува на 1 октомври, а академците на факултетите повторно се соочуваат со дел од старите проблеми и бараат да се подобри опременоста на факултетите да се преиспита нивното финансиско оптоварување и да се подобрат условите во студентските домови.

Студентите велат дека не се инвестира во ресурси и укажуваат дека факултетите немаат пристап до релевантни бази на податоци. Но она што уште повеќе згрижува е што во Македонија бројот на запишани студенти во првиот уписен рок е можеби за две третини помал од очекуваната бројка на студенти, независно дали се работи за државни или приватни факултети, вели универзитетската професорка Гордана Поп Симонова.

„Што се однесува до успешноста или неуспешноста на почетокот на годината забележливо е дека е огромен падот на бројот запишани студенти, барем во првиот уписен рок“, вели Поп Симонова.

Матурантите по завршувањето на средно се решаваат да го продолжат своето образование во странство и тоа е ситуација започната, пред една до две години минимум, кога ја донеле одлуката дека не сакаат да студираат во Македонија и тоа е проблем кој треба да се обмисли, размисли и разработи, така што многу многу работа останува во високото образование, вели професорката Поп Симонова./РСЕ