Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се поделија едни ќе гласаат други не, третите молчат

од desk4

Поделбите во ВМРО ДПМНЕ почнаа. Едни се изјаснуваат дека се против други за трети молчат

Половина од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ јавно преку социјалните мрежи го кажа својот став дека нема да гласаат за уставни измени. Влатко Ѓорчев, Зоран Илиоски, Димитар Стевананџија, Јохан Тарчуловски, Лилјана Кузмановска, Ане Лашковска се дел од пратениците кои нема да поддржат измени за промена на уставното име.

Меѓу нив е и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој на својот фејсбук профил напиша и дека се приклучува на бојкот на референдумот.

„Совеста не ми дозволува да излезам на референдум кој е длабоко манипулативен, а верувам дека овој став ќе преовлада и кај најголемото мнозинство граѓани на Македонија. Истовремено, доколку власта, независно од ваквата подмолност, одлучи да ја продолжи постапката во Собранието преку уставни измени за промена на уставното име, недвосмислено нема да ги поддржам истите.“ – напиша Вељаноски.

Јохан Тарчуловски пак се заколна дека никогаш нема да гласа за менување на Уставот.

„Јас, Јохан Тарчуловски, член на навивачката група Комити, член на ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното создавање, бранител во 2001, обвинет за 27 април, се колнам во Бога, во верата и во својата татковина Македонија дека ќе го штитам Уставот, дека НИКОГАШ нема да гласам за негово менување и ќе ги извршувам заповедите на македонскиот народ. Во спротивен случај, нека бидам убиен од еден од моите собраќа Македонци со револверот или камата што овде ги целивам“ – вели Тарчуловски.

За разлика од нив другата половина воздржана. Засега нема коментар од актуелниот и поранешниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев и Илија Димовски, ниту пак од екс министерот за надворешни работи – Никола Поповски кој што е пратеник. А ставот не го кажал ниту почесниот претседател на партијата Никола Груевски.

За разлика од нив дел од т.н. реформатори  немаат дилеми и јавно повикуваат да се гласа на референдум.

Лидерот на партијата пак Христијан Мицкоски – во интервју за ТВ21 изјави дека доколку биде успешен референдумот, партијата тоа ќе го почитува.  Од неговата партија пак, денеска со обвинувања дека измените на македонскиот Устав биле пишувани во Атина.

„Прво дали е вистина дека амандманите се веќе подготвени и се кријат од јавноста? Истите внимавајте не се подготвени од македонската Влада, туку од грчката Влада и се дадени во форма на нон пејпр. Од македонска страна е ангажиран само еден пензиониран професор по уставно право, чија задача е само технички да ги среди истите. На што се должи ваквиот капитулантски однос кон Грција таа да ги пишува амандманите што треба македонското Собрание евентуално да ги усвои?“ – изјави Александар Николовски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од власта пак, категорични се дека опозицијата, како што велат  шири лаги и дезинформации. Премиерот Заев викендов порача дека ќе се менува преамбулата, членот за дијаспората и името на државата во Уставот, но Заев вели ќе се објават по референдумот за да не влијаат на граѓаните.

Уставните измени според планот на власта треба да бидат зваршени до јануари. За нив е потребно 2/3 мнозинство кое Заев го нема без десетина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини