Иванов: На 30 септември нема да излезам да гласам

од desk4
118 прегледи

   Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, порачал претседателот Ѓорге Иванов пред Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит, соопшти Кабинетот на Претседателот.

Претседателот Иванов навел дека согласно член 7, став 3 од Законот за референдум, никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум. Секој граѓанин, рекол Иванов, има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

– Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата Претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, потенцирал македонскиот претседател.

Иванов порачал дека во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. – Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост, истакнал македонскиот претседател.

На Гала вечерта во организација на Обединетата Македонска Дијаспора на претседателот Иванов му е доделено највисокото признание  „Глобален државник“. На Гала вечерта на ОМД присуствуваа и конгресмените на САД, Пол Мичел и Деби Дингел.

Претседателот на Република Македонија престојува во работна посета на САД по повод учеството на 73. сесија  на Генералното собрание на ОН во Њујорк.