Попов:Однесувањето на Србија кон Македонија е спротивно на здравиот разум

од desk2
88 прегледи

Директорот на Центарот за регионализам од Нови Сад Александар Попов изјави денеска дека Србија се однесува „спротивно на здравиот разум“ кога е во прашање референдумот во Македонија.

– Ова е наглавачки поставено, бидејќи на Србија како на соседна држава би требало да и биде во интерес да има стабилни односи во регионот, а сугурно е дека постигнувањето договор меѓу Македонија и Грција е значителен чекор во тој правец. Да се присетиме само дека пред година и половина Македонија беше на работ од граѓанска војна. Однесувањето на Србија е контра на здравиот разум, бидејќи Србија би требало да се радува на нормализација на односите во регионот, изјави Попов.

Тој додаде дека официјална Србија прва ги искажала „лошите намери“ кога социјалдемократот Зоран Заев дојде на власт, бидејќи владеачката Српска напредна партија (СНС) имаше многу добри односи со претходната влада, предводена од десничарската ВМРО.

– Очигледно е дека постоечката гарнитура во Македонија не е многу блиска и не по вкусот на СНС. За разлика од многу други земји, Србија не го честиташе договорот меѓу Ципрас и Заев за името на државата. Потоа го имавме случајот со никогаш необјаснетото повлекување на целиот персонал на српската Амбасада од Скопје, наведе Попов.

Тој оцени дека е очигледно дека договорот на Грција и Македонија ги има „фрлено во сенка“ преговорите меѓу Белград и Приштина.

– Доколку референдумот во Македонија успее и доколку прашањето за Македонија се симне од дневниот ред и таа зачекори на безбедниот европски пат и на патот на членството во НАТО, тогаш тоа ќе биде пример на едно државничко однесување и на двете страни, со што би се тргнала и останала на маргините, приказната за договорот на Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Досега Вучиќ словеше како шампион на мирот на овие простори во одредени меѓународни центри и организации, а сега оваа титула ќе му припадне на Зоран Заев, кажа Александаар Попов.

Тој додаде дека со ова е фрлена во сенка и идејата на Вучиќ за размена на територии меѓу Србија и Косово, која истовремено наиде на голем отпор во многу европски главни градови.

Попов посочи дека назначувањето на поранешниот шеф на српската тајна служба Раде Булатовиќ за нов амбасадор во Македонија не претставува порака во вистинската насока.

– Нашата политика не е во правец на градењето на добрососедски односи, освен вербално, кога има средби меѓу Заев и лидерот на Србија. Да се присетиме само, дека преставник на српската амбасада беше присатен во Собранието за време на големата тепачка и нападот врз Зоран Заев. Се стекнува впечаток дека Србија дејствува разузнавачки во Македонија, а не поради изградба на добри дипломатски односи. А во Србија постојат добри дипломати, но ние наместо нив испраќаме некој кој однапред предизвикува сомнежи, оцени Попов.

Според него, не се без основ ниту анализите во кои се оценува дека Србија во Македонија ја игра улогата во корист на Русија, на која не и е во интерес Македонија да стане членка на НАТО.

Попов додаде дека постои уште една димензија во проблематичните односи меѓу Србија и Македонија, што се огледа во многу силниот отпор на Српската православна црква (СПЦ) кон автокефалноста на Македонската православна црква.

– СПЦ на ова поле енергично се противи и тоа очигледно се прелива и на меѓудржавните односи, што е недопустливо, изјави Попов.