МОСТ: Референдумот мирен, граѓаните јасно а изразија својата волја

од desk2
72 прегледи

На денот на референдумското изјаснување граѓаните јасно ја изразија својата волја, а гласањето помина во мирна атмосфера со понизок одѕив од вообичаено и со помали технички проблеми и нерегуларности на кои институциите соодветно реагираа, се вели во прелиминарната оценка на изборниот процес на Граѓанската асоцијација МОСТ.

Кон крајот на денот, како што рече на денешната прес-конференција, извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов, на мал број гласачки места биле забележани тензии и одредени дејствија кои, како што рече, не може да се окарактеризираат како системски, туку како изолирани и поради тоа немаат влијание врз резултатот од гласањето.

Алексов нагласи дека изборната администрација одговори на задачата, избирачките одбори беа добро подготвени, регистрацијата на набљудувачите на МОСТ помина без проблеми и сите гласачки места на кои МОСТ имаше набљудувачи, потенцира, беа отворени и ниту еден од набљудувачите не пријави поголеми проблеми при отворањето.

– Во текот на денот набљудувачите во неколку наврати јавија за случаи на пропаганден материјал пред гласачките места кои во најголем дел по интервенција на полицијата беа отстранети, рече Алексов и додаде дека биле забележани поединечни случаи на непроверување на палецот со УВ-лампа, непроверување на документите за идентификација, како и необележување со мастило.

Забележани беа, додаде, и случаи на групно, односно семејно гласање, но станува збор за мали и изолирани случаи.

– На мал број гласачки места пред крајот на гласањето беа забележани обиди за нарушување на правилото еден човек еден глас кои не може да се окарактеризираат како системски, туку како изолирани и поради тоа немаа влијание врз резултатот од гласањето, рече Алексов.

Посочи дека биле забележани пропусти и при спроведувањето на гласањето на болните и немоќни лица и оти на 11 гласачи не им била почитувана тајноста на гласањето, а гласањето на затворениците поминало без регистрирани проблеми.

На гласачкото место во Австралија, како што кажа, забележано е снимање на лицата кои сакале да гласаат од страна на приврзаниците на движењето „Бојкотирам“, а јавното етикетирање и говорот на омраза што беше користено од тука, потенцира, имаше негативно влијание на атмосферата пред денот на гласањето во Македонија.

Алексов потенцира дека за време на предреферендумската кампања не се водеше кампања против, но како што кажа, сепак јавноста иако само се водеше кампања „за“ имаше можност да ги види аргументите на опциите и „за“ и „против“ преку големиот број на дебатни емисии кои се емитуваа.

Алексов посочи дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ немаше јасно дефиниран став за референдумот и оти во првата половина од кампањата дел од членовите повикуваа на бојкот, а во втората овие активности се интензивираа и преминаа во отворен бојкот на референдумот.

– Кампањата беше динамична со зголемен број непосредни средби со граѓани и кампања од врата до врата. Во исто време меѓународни и домашни организации и останати субјекти одржуваа информативни дебати и трибини. МОСТ цени дека овие активности придонесоа за зголемување на нивото на знаење и информираност на граѓаните, рече Алексов.

Посочи дека иако имаше одреден број гласачи кои не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список, тоа не влијаеше на излезеноста и апелираше кај институциите во најскоро време да ги отстранат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список.

Извршниот директор на МОСТ како позитивна, ефикасна и во колегијална атмосфера  ја оцени работата на ДИК, особено ја поздрави нивната транспарентност во работењето.

Слични содржини