Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо, за кој многумина се сигурни дека ќе биде отпуштен од „Олд Трафорд“ во блиска иднина, даде уште една интересна прес-конференција пред натпреварот со Валенсија од Лигата на Шампионите.

Португалецот, кој е во затегнати односи со раководството и лидерот на тимот Пол Погба, изјави дека во неговиот состав има играчи кои се грижат повеќе од другите, со што навести за тензии во соблекувалната поради лошите резултати на тимот.
„Многу пати сум велел дека макар и да сум во фудбалот повеќе од 20 години, јас сеуште си останувам наивно дете и верувам на играчите и на она што го велат. Не верувам дека тие не се искрени со мене. Но изгледа дека на дел од играчите повеќе им е гајле од други“, прокоментира Мурињо.
WATCH:
"Some of the players care more than others."
Jose Mourinho explains how @ManUtd can turn things around
After his players' commitment was questioned after @WestHamUtd defeat
Full story here: https://t.co/uDCb0e7Cio pic.twitter.com/dqEcULb6CY— Sky Sports News (@SkySportsNews) October 1, 2018
Запрашан да посочи кои се оние на кои не им е гајле, менаџерот одби да го стори тоа и додаде дека постигнувањето на резултати е грижа на сите во клубот.
„Нашето претставување е последица на многу фактори. По поразот од Вест Хем, Лук Шо рече дека играчите треба да даваат повеќе и јас се согласувам со тоа, но не целосно. Секој во клубот има своја улога, ако се почне од нутриционист и домаќинот, која треба да ја исполнува, за да имаме успех“, коментираше тој.
Иако претставувањето на Јунајтед не е добро во последно време, доброто расположение не ја напуштило соблекувалната, бидејќи Мурињо го прифати со искрена смеа прашањето дали разговарал веќе со Зинедин Зидан, кој се споменува за негов заменик. Потоа Мурињо изјави дека прави сé што може, за да го подобри претставувањето на тимот на теренот и да не мора да биде сменет од Зидан. „Мислам дека правам се што можам за да видите подобрување“, заклучи Мурињо.
Немања Матиќ, кој беше со Мурињо на прес-конференција, негираше дека во тимот има криза.
„Тешко е кога три натпревари си без победа, но тоа е фудбалот. Сите сакаме да играме подобро и сме свесни дека презентацијата не беше одлична во последните средби, па секој е подготвен да преземе одговорност. Во Јунајтед секогаш очекувањата се поврзани со победи и кога такви нема, тензиите се покачуваат. Ние играчите разговаравме меѓу себе поради ситуацијата во која се наоѓаме. Но секој се обидува да даде нешто повеќе за постигнување на подобри резултати. Против Валенсија очекувам подобра концентрација и подобар резултат. Тензијата не нѐ плаши, но не нѝ се потребни зборови туку лидери на теренот“, коментираше Србинот.
Јунајтед утре ја пречекува на „Олд Трафорд“ Валенсија, а дуелот ќе го пропуштат Ешли Јанг, Џеси Лингард, Андер Ерера и Маркос Рохо кои имаат здравствени проблеми.
„Црвените Ѓаволи“ се лидери во групата „Н“ со 3 поени, заедно со Јувентус. Валенсија и Јанг Бојс се без бодови.