„Таа установа е неодговорна, неефикасна и едноставно опасна“: Америка против Хашкиот суд

од desk4
89 прегледи

   

Во градот кој е симбол на меѓународната правда, амбасадорката на Бурунди е многу осамена. Додека нејзината Влада се соочува со обвиненија за убиство, силување и мачење, таа се залага Меѓународниот кривичен суд да не се меша, барање кое не е претерано популарно. Амбасадорката Вестин Нахимана вели дека судот го загрозува суверенитетот на Бурунди.

Нејзините критики се слични со аргументи на деспот кои Западот долго време ги отфрлуваше. Но нејзиниот став неодамна доби поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп чиј советник за национална безбедност Џон Болтон судот го нарече „неефикасен, неодговорен и едноставно опасен“ и се закани со санкции за обвинителите и судиите кои работат на случаи против Американци.

За администрацијата на Трамп, говорот на Болтон е најнов пример на презир кон глобалните организации, но за Меѓународниот кривичен суд ова отворено непријателство се појавува во незгоден момент. Судот, кој е отворен во 2002 година, е замислен како постојано светско судско тело кое ќе се занимава со воени злосторства, геноцид и други злосторства против човештвото. Но поранешен обвинител сега е обвинет за корупција. Само осум луѓе се осудени, а најзначајната пресуда, против поранешниот потпретседател на Конго Жан-Пјера Бемба, е соборена поради правни грешки.

Многу американски сојузници и покрај тоа на судот гледаат како на симбол на меѓународниот поредок, а на коментарите на Болтон се гледа како на повик да се игнорира авторитетот на судот.

Соединетите Држави секогаш на судот гледаа со сомнеж поради страв дека би можел да се сврти против американските војници. Претседателот Бил Клинтон во 1998 го потпиша Римскиот договор со кој е воспоставен судот, иако забележал „значителни недостатоци“. Конгресот никогаш не го ратификуваше договорот, но во свое време го поддржаа и претседателите Џорџ Буш и Барак Обама.

Коментарите на Болтон се предупредување до судот поради наводната намера да се истражуваат воени злосторства во Авганистан, вклучувајќи го и злоставувањето на затвореници од страна на ЦИА. Тој рече дека обвинителството претставува закана за американскиот суверенитет. Исто така додаде дека за многумина во Африка, судот претставува оружје на модерниот европски колонијализам.

Неговите коментари се многу слични на ставот на суданскиот претседател Омар Хасан ал-Башир кој е обвинет за геноцид. – Тоа се прашања со кои се занимаваат лидерите на Мјанмар, Северна Кореја и Русија, рече Дејвид Шефер, поранешен американски амбасадор кој работел на Римскиот договор.

Говорот на Болтон предизвика загриженост дали судот ќе опстане без поддршка на најголемите земји во светот. Кина и Индија никогаш не го поддржувале. Русија исто така. Додека европските земји на организации како МКС гледаат како на важни средства за контрола на диктаторите, американските конзервативци го гледаат како пречка. САД на крајот на краиштата го сочинуваат најголемиот дел од мировните мисии на Западот. Зошто тогаш, велат Болтон и неговите сојузници, Соединетите Држави да ги изложуваат своите граѓани на надзор.

Групите за заштита на човекови права се особено загрижени поради заканите кон меѓународните адвокати и судии.

– Со оглед на тоа дека ова доаѓа од земја домаќин на Обединетите Нации, многу е опасно за меѓународниот правен поредок, рече Вилијам Пејс, претседавач со Коалицијата за меѓународниот суд, организација која го поддржува МКС. – Ги поткопува фундаменталните столбови на меѓународниот поредок осмислени после Втората светска војна за да се спречи Трета светска војна.

Њујорк Тајмс