Тркалезна маса со посебен фокус на перспективите за Западен Балкан по Лондонскиот самит со Чивнинг-стипендисти од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора и Бугарија) ќе биде одржан денеска во НУБ „Св.Климент Охридски“. Организатор е Асоцијацијата на Чивнинг-стипендисти во Македонија со поддршка од Програмскиот фонд за Чивнинг алумни. 
Ќе има два паралелни панела – за економска стабилност, меѓусебна поврзаност, вклучувајќи млади и образование, и за регионална безбедност, корупција и политичка стабилност. На информативна сесија, пак, ќе биде презентирана Чивнинг-стипендијата за мастер-студии и сите заинтересирани ќе имаат можност да слушнат повеќе детали за неа и искуства од стипендистите.
Настанот ќе го отворат Џакуш Кабаши, претседател на Македонската Чивнинг алумни асоцијација, и Рејчел Галовеј, амбасадор на Велика Британија во Македонија.
Чивнинг е престижна меѓународна програма за стипендирање од Владата на Велика Британија, чија цел е развој на глобални лидери и овозможува идните лидери и влијателни лица од целиот свет да се развиваат професионално и академски, да ја искусат британската култура и да изградат трајни позитивни врски со Велика Британија.